👁️  19

Норвешка одлучи да ѝ донира борбени авиони „Ф16“ на Украина со цел да се бори против руската инвазија, објави денеска норвешката телевизија „ТВ2“ повикувајќи се на неименувани извори.

„ТВ2“ не објави колку авиони Норвешка ќе му даде на Киев. Норвешкото министерство за одбрана сè уште не одговорило на барањето на „Ројтерс“ за коментар.

Доколку веста биде потврдена, Норвешка ќе биде третата земја што ќе ѝ донира американски борбени авиони „Ф16“ на Украина, заедно со Данска и Холандија.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере во четвртокот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленскии во Киев и најави донации на противвоздушни ракети и друга опрема, но не кажа ништо за авионите „Ф16“.

Норвешките воздухопловни сили минатата година пензионираа флота од 57 авиони „Ф16“. Норвешка се согласи да продаде 32 од тие авиони на членката на НАТО, Романија, што, според Стоере, е конечниот договор.

Дванаесет авиони „Ф16“ треба да бидат продадени на приватна компанија, која ги обучува американските воздухопловни сили, но тој план допрва треба да добие конечно одобрение и некои аналитичари веруваат дека авионите би можеле да бидат донирани на Украина.

Норвешкото Министерство за одбрана минатата година соопшти дека преостанатите 13 авиони се прескапи или премногу тешки за поправка и дека може да се стават во музеј, да се користат за резервни делови или да завршат во отпад за да се рециклираат.

Норвешка го замени својот авион „Ф16“ со моделот „Ф35“.