👁️  180

Обвинителството да истражи зошто планираната трета фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 24 милиони евра за еден километар пруга, бара новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски. Ревизорите откриле дека се платени 4,6 милиони евра провизија поради доцнење со проектите.

Планирана уште пред 150 години, пругата кон Бугарија треба да стане предмет на истрага на Обвинителството, смета новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски.

Тој тврди дека Обвинителството треба да утврди зошто Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП) без објаснување и анализа ја зголемило проценетата вредност за над 200 милиони евра. Дополнително денеска истекува рокот за поднесување на понуди за тендерот „тежок“ 560 милиони евра за изградба на 23,4 километри железничка пруга, информираше новиот министер.

Тој обвинува дека претходната власт го темпирала огласот за јавната набавка за, како што вели, најскапата пруга на светот, да се реализира во период кога новата власт нема да може да направи некакви промени.

Станува збор за делницата од 23,4 километри од третата фаза од Коридорот 8 која треба да минува од Крива Паланка до Бугарија. Според пресметките на Николовски, ако се реализира овој тендер еден километар железничка пруга ќе чини 24 милиони евра, со што како што вели, ќе стане најскапата железничка пруга во светот што овозможува транзит на возови со брзина од 60 до 80 километри на час.

„ Се работи за железничка пруга која ќе минува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка, ќе треба десетици или стотици куќи да се рушат, ќе треба да се иселува население, и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај, затоа што според проектот и законите, предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел, кој што може да се изгради само до границата со Бугарија“, вели Николовски.

Прашање е дали е воопшто разгледувано какви се условите од другата страна за доградба на тунел од Бугарија во услови кога од другата страна нема направено ни проект за железничко поврзување со земјава на таков начин на кој што е направен македонскиот план.