Српскиот центар Никола Јокиќ го предводеше Денвер Нагетс до шампионскиот прстен минатата сезона во НБА лигата, со што докажа дека моментално е најдобриот на светот.
Неговиот поранешен соиграч – 31-годишниот бек Остин Риверс, зборуваше за тоа колку долго Јокиќ ќе игра во најсилната кошаркарска лига во светот. Риверс гостуваше во популарниот подкаст што го води новинарот Бил Симонс, па му го поставија прашањето – има ли шанси Јокиќ да биде во лигата на 39 години и да има маргинална улога?
-Не, нема шанси, изјави Риверс, кој беше соиграч на Јокиќ во сезоната 2021/2022.
-Мислам дека тој само ќе се откаже во одреден момент, како Бери Сандерс во НФЛ. Мислам дека ќе игра уште 5-6 сезони. Има 28 години, а мислам дека нема да игра повеќе од 34 години. Можеби до 35. Мислам дека тогаш ќе оди во Србија и нема да се врати во САД. Едноставно не го гледам да игра во НБА како 39-годишник, изјави синот на познатиот тренер Док Риверс.