👁️  40

Српската кошаркарска репрезентација го освои сребрениот медал на последното Светско првенство кое се одржа во Јапонија, Филипини и Индонезија и со самото тоа осигура учество на Летните олимписки игри кои во 2024 година ќе се одржат во Париз.

До сребрениот медал Србите стигнаа со „десеткуван“ тим чиј дел не беа најдобрите српски кошаркари Никола Јокиќ и Василије Мициќ, но двајцата се очекуваат да бидат на теренот во главниот град на Франција, откри првиот човек на Олимпискиот комитет на Србија, Божидар Маљковиќ.

„Треба да се земе во обѕир дека до среброто стигнавме без НБА шампионот и МВП Никола Јокиќ, МВП на Евролигата Василије Мициќ и Никола Калиниќ. Екипата се соедини и го извлече најдоброто од секој поединец. Така е во секој спорт. Можам да бидам горд на сезоната на Новак Ѓоковиќ и на светското злато на Ивана Шпановиќ. Иначе, веќе најавив дека сите ќе играат во Париз, па и Никола Јокиќ. Игрите во Париз ќе бидат голема журка, очекувам Србија да има голем број на учесници“, изјави Маљковиќ во интервју за мадридскиот „Ас“.