👁️  33

Силниот град кој изминативе денови погоди делови од Македонија покрај уништувањето на земјоделските насади, оштети и голем број на возила.

Оние кои се најдоа на отворено при налетот на невремето, не беа во можност да ги заштитат своите возила, па некои од нив се соочија со големи штети.

На сопствениците на автомобили кои платиле само за редовна регистрација, не им следува надомест на штетата, објаснуваат осигурителните агенти. Осигурителните агенти објаснуваат дека поправката на овие штети ќе ја платат осигурителните компании, но само ако сопственикот на возилото го осигурал каско.

– Редовното осигурување од автоодговорност што се прави со регистрацијата не ги покрива штетите предизвикани од град. Сите што имаат целосно каско осигурување, ќе добијат надомест на штетата во цел износ. Тие што имаат каско осигурување со франшиза, од вкупниот износ на штета ќе им се одбие франшизата, а другиот дел ќе им биде исплатен како отштета – објаснуваат осигурителните агенти.

Тоа практично значи дека ако градот на некој автомобил предизвикал штета од 500 евра, сопственикот на автомобилот нема да добие ништо ако возилото е само регистрирано. Доколку има целосно каско осигурување, ќе добие надомест од 500 евра. Ако пак има каско осигурување со франшиза од 200 евра, тогаш за штетата ќе добие надомест од 300 евра.

Во меѓувреме на социјалните мрежи кружи снимка која покажува како градот може да биде фатален по автомобилските стакла, а сопствениците се речиси немоќни да направат било што.