👁️  208

Наместо последни, училиштата повторно се пред прагот први да подлегнат на ударот од енергетската криза. Дел од социолозите се контра предлогот децата да одат на продолжен зимски распуст за училиштата да заштедат на струја, анализира Канал 5 телевизија.

Според Илија Ацески, враќањето на онлајн учењето ќе значи повторна ресоцијализација, осаменост и депресија кај децата. Вели, ако на нешто не треба да се крати периодов – тоа е образованието.

До стартот на грејната сезона има неполн месец. Градоначалниците се во трка со времето да ги искористат сите можни опции за да ги ублажат последиците.

Првиот човек на Карпош, пак, во вчерашното гостување на „Само вистина“ излезе со свој предлог – ингеренциите за образовните институции да ги преземе Владата.

Деветте општини од Полог, на иницијатива на гостиварскиот градоначалник Таравари, официјално поднесоа барање до Министерството за образование зимскиот распуст да трае во декември и јануари а изгубените часови да се надополнат онлајн или со продолжување на учебната година која, во тој случај, би траела до 1 јули.

Владата се надева дека учебната година ќе заврши со физичко присуство. Владините портпароли денеска порачаа дека ставот на Владата е дека местото на учениците е во училиштата.

Сепак, Владата не е расположена да им помогне на општините за да ги надминат проблемите во кои се вовлечени поради огромните сметки за струја.

Од Владата велат дека за општините се предвидени редовните дотации, но нема информација зошто тие не се зголемуваат, имајќи предвид дека само сметките за струја се и до 5 пати повисоки од оние од минатите години.

Во меѓувреме, голем број на градоначалници веќе излегоа со предупредување дека немаат средства да ги плаќаат сметките во училиштата бидејќи зголемената цена на струјата значително ги надминува нивните буџетски капацитети.

Некои градоначалници, како на пример Таравари од Гостивар веќе предложи учениците да се префрлат онлајн и да се продолжи зимскиот распуст.

Дел од училиштата и во моментов се соочуваат со значителни проблеми и имаат по неколку неплатени сметки.