За време на официјалната посета на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на Вооружените сили на Република Албанија беше потврдена заложбата за континуирано унапредување на меѓуармиската соработка, соопштија од АРМ.
Во Тирана, генералот Лафчиски оствари средби со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, генерал-потполковник Арбен Кинџи и со министерот за одбрана, Ермал Нуфи. На средбите беше разговарано за унапредување на билатералната воена соработка, реализација на заеднички обуки и вежби, учество во меѓународни операции, справување со безбедносни предизвици и зајакнување на регионалната и колективната безбедност во рамки на НАТО. Во рамки на посетата, армиската делегација го посети и Полкот за специјални операции на Вооружените сили на Република Албанија, каде беше реализирана демонстрација на дел од нивните оперативни способности. Армијата и Вооружените сили на Република Албанија продолжуваат да ја развиваат успешната соработка во областа на обуката, вежбите и регионалните иницијативи, како значаен придонес кон стабилноста и безбедноста во регионот, истакнуваат од АРМ.








