👁️  4828

Градоначалничката функција е звучна и мошне репрезентативна, меѓутоа таа е и многу одговорна и бара повеќе работа, со нас денес е градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски разговаравме за тековните активности, проектите и проблемите со кои се соочува Општина Новаци.

АНАЛИТИКУМ: Колку сте подготвени и како го носите овој товар, колку сте вие лично задоволни од досега сработеното?

Навистина станува збор за многу напорна, одговорна но во секој случај креативна и предизвикувачка функција, затоа што јас сум човек кој секогаш го избира потешкиот, покомплицираниот начин на решавање на проблемите но кои ќе имаат трајни или долгорочни ефекти. Пред се сакам да им ги подобрам условите за живот на нашите жители, жителите на Општина Новаци, да ги задржиме тука да останат, да не се иселуваат во градовите или во странство, да ја спречиме миграцијата. Тоа е голем предизвик но се надевам дека со проектите кои ќе ги реализирам во овој мандат ќе успееме донекаде да го ставиме на стенд бај овој процес на намалување на нашето население.

АНАЛИТИКУМ: Со што се соочивте и во каква состојба беше оставена Општина Новаци?

Кога го презедов управувањето со Општина Новаци како градоначалник во октомври 2021 година, наследив долг во висина од 67.111.374, 00 денари или 1.082.441,52 евра. Тоа е навистина голема сума на пари за една мала и рурална општина каква што е Новаци особено во услови на светска криза енормно зголемување на сметките за електрична енергија, гориво и сл. Но тоа што го наследив морав да го сервисирам и да го плаќам тековно со претходно планирање на средства, домаќинско работење со цел да можиме да функционираме тековно со сите наши потреби и извршување на сите наши ингеренции навремено, а секако и да внимаваме да не дојдиме до блокирање на сметката, па плаќање на дополнителни трошоци за извршители, камати и сл.

Во јануари 2022 година вкупниот износ на обврските изнесуваше 67.026.099,00 денари што значи намалување на долгот и таа тенденција на намалување на доспеаните обврски ја одржуваме секој месец. Во првиот квартал поточно заклучно со 31.03.2022 година имаме намалување на досепаните обврски за 4.235.881,00 денари. Вториот квартал го завршуваме со намалување на досепани обврски за иснос од 22.498.808,00 денари или заклучно со вториот квартал доеспаните обврски изнесуваат 44.526.291,00 денари или во проценти наследениот долг е намален односно исплатен за 34 %.

АНАЛИТИКУМ: Во текот на предизборната кампања ја промовиравте Вашата програма за четиригодишниот мандат, да ги потсетиме нашите читатели кои значајни проекти ќе бидат реализирани во наредните години во Општина Новаци?

Мојата изборна програма со која ја побарав довербата на моите сограѓани е обемна и  содржи околу 115 проекти, односно исто толку решенија на проблемите кои моментално се актуелни во Општина Новаци.

Првите проекти кои ги ветив и ги реализирав во првите 100 дена од моето управување со Општина Новаци беа следните:

  • Субвенции за изведба на термо фасади.
  • Субвенции за обезбедување клима уреди.

Во мојот 4 годишен мандат односно во мојата изборна програма имам предложено голем број на проекти од сите сфери на општествено, економскиот, социјалниот и културниот живот. Најголем акцент ќе ставам на развојот на земјоделството како примарна гранка во Пелагонија, голем предизвик ќе ми биде безработицата, немањето перспектива кај младите луѓе, потоа решавање на големите недостатоци во инфраструктурата, немањето на канализациони мрежи, комуналниот хаос и нечистотијата. А секако со големо внимание ќе се посветам на економскиот развој на општина Новаци. Топ проекти на кои особено ќе работам за нивно остварување се следните:

  • Секундарна гасификациска мрежа, околу примарниот гасовод кој поминува низ општина Новаци.

Ќе продолжиме со проектот гасификација на Oпштина Новаци, односно изработка на целокупната проектна документација за секундарна и терцијална мрежа и приклучување на примарниот гасовод кој поминува низ Општина Новаци.

Со тоа ќе се овозможат пониски трошоци за греење за домаќинствата и за компаниите, како и пониски трошоци за енергенси на производствените капацитети и заштита на животната средина.

  • Изградба на ситемот за наводнување од акомулацијата „Суводол“ кој опфаќа близу 400ха. Во атарите на селата Новаци и Добромири. Проектот претставува грант од ИПА на ЕУ. За скоро ќе почнат градежните работи и негова целосна реализација, ако се течи како што е планирано се надевам дека нашите земјоделци наредното лето ќе имаат модерен систем за наводнување.
  • Изградба на бушотини и артерски бунари за обезбедување  вода за наводнување на земјоделски површини со обезбедување електрична енергија до истите.

Секаде каде што не постојат услови да се изгради хидро систем за наводнување, ќе пристапиме кон изградба на бушотини до кои ќе биде обезбедена електрична енергија. Со овој проект во голема мера ќе придонесеме кон обезбедување на сигурно и стабилно земјоделско производство, а исто така ќе ги мотивираме земјоделците да преминат кон производство на подоходовни култури каде од единица површина ќе постигнат поголем економски бенефит.

За реализација на овој проект се зафатив уште првите денови од превземањето на функцијата меѓутоа како и за многу други работи во Македонија каде тешко се доаѓа до решавање на проблемите така и за овој проект наидовме на некои проблеми кои ветувам дека ќе бидат надминати и овој многу значаен проект за нашите земјоделец ќе го реализираме во овој мандат.

  • Еден од поголемите проблеми во Општина Новаци е управувањето со отпадните води. За таа цел наши приоритети ќе бидат изградба на канализациони мрежи во поголемите населени места. Во сите населени места со исклучок на с.Новаци не постои канализациона мрежа. Во тек сме со изработка на проектна документација за изградба на фекална канализациона мрежа во с.Добромири, која е во финална фаза и овој многу значаен проект за второто по големина село во општината се надевам дека ова лето ќе отпочне со реализацоја.
  • Субвенционирање од страна на општината за подигнување насади и засејување на специфични земјоделски култури, еколошко органско производство се со цел преориентирање на индивидуалните земјоделци кон поконкурентно и подоходовно земјоделско производство.
  • Субвенционирање за купување на опрема за наводнување со цел постигнување на повисоки и поквалитетни приноси на земјоделското производство.
  • Изградба на скејт парк и патека за адреналински спортови и фитнес справи во склоп на спортската сала и повеќенаменското игралиште во Новаци. Во склоп на спортската сала ќе направиме целосно партерно уредување на просторот. Со тоа ќе извршиме комплетно уредување на овој простор наменет за спорт и рекреација.
  • Уредување  на потегот до манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Новаци и изградба и уредување на рекреативна  патеката од с. Новаци до манастирот. Со овој проект ќе направиме модерно уредување со клупи и канделабри, катче за рекреација и дружење кое ќе претставува модерно поврзување со манастирот. Изградбата на оваа патека ќе ја зголеми безбедноста при движењето на пешаците, ќе претставува уредено, модерно место на влезот во Новави. И за овој проект сме во финална фаза со изработката на проектната документација и до крајот на оваа година се надевам дека ќе почнеме со негова реализација.
  • Откако ја презедов функцијата како градоначалник на Општина Новаци нема ден а да немам средба со потенцијални инвеститори и заитересирани за изградба на фотоволтаични централи, за кратко време ќе отпочне со градба неколку фотонапонски ценрали кои ќе бидат најголемите во Македонија, имаме интерес од турски инвеститори за купување на земјиште и изградба на фабрики од лесна и незагадувачка индустрија, во индустриската зона Новаци, зоната ќе се протега на површина од околу 20 хектари, исто и за неа ја подготвуваме проектната документација која е во завршна фаза. Врвен приоритет мие целосно инфраструктурно уредување на индустриската развојна зона во Новаци со што би се привлекле нови инвестиции кои би ја придвижиле локалната економија и би обезбедиле услови за вработување на младите, а со тоа ќе допринесеме кон запирање на иселувањето на младите кои се основен двигател за развој на општеството.

АНАЛИТИКУМ: Колку сте подготвени да го остварите сето тоа, финансиски и кадровски?

Што се однесува за финансискиот момент како што ви споменав погоре општината ја наследив во крајно незавидна финансиска состојба, и секако овие непродуктивни долгови ќе претставуваат голем проблем. Ако на сето ова ги додадеме и случувањата во целокупната светска економија, цените на енергенсите на репроматеријалите и тн. Секако дека тоа ќе биде голем предизвик за мене како градоначалник на една мала општина. Јас сум оптимист и мислам дека сите ветени проекти пред жителите на Општина Новаци ќе најдиме можност да ги решиме а кои во иднина ќе креираат додадена вредност и економски напредок. За кадровските можности можам да кажам дека како голем број општини во државата така и Новаци се соочуваме со недостиг на стручен кадар кој тешко можеме да го обезбедиме, меѓутоа со кадарот кој ни е на располагање и со меѓуопштинските соработки се трудам да го извлечам максимумот и сега за сега добро функционираме.

АНАЛИТИКУМ: Како го оценувате работењето на институциите кои се под ингеренција на локалната власт?

Под  надлежност на општината се три институции Комуналното претпријатие, централното основно училиште и градинката. Со неколку зборови ќе кажам имаќи ја предвид енергетската криза сите тие ги чувствуваат последиците од истата, меѓутоа проблемите со кои се среќаваат успеваме заеднички да ги решиме и да немаме застој во нивното нормално работење

АНАЛИТИКУМ: Индустриската зона во Новаци има повеќе предности а некои стручни лица за нашиот медиум потенцираат дека може да биде конкурентна и на економската зона Жабени, дали има стратегија за истата да се валоризира?

Имаќи предвид што индустриската зона Новаци ќе биде во близина на с.Новаци во близина на РЕК Битола и во близина на најголемите фотонапонски централи или со други зборови во близина на најголемите произвоодители на електрична енергија во Македонија а сите знаеме дека во годините што следат енергијата ќе претставува огромен проблем имаќи предвид што главните извори на електирчна енергија се во нејзина близина економската зона Новаци мислам дека нема да ги има тие проблеми. Покрај тоа зоната ќе биде поврзана со одлични сообраќајни решенија, убеден сум дека интересот ќе биде далеку поголем за разлика од индустриската зона Жабени. Овие неколку месеци имаме заинтересирани компании кои сакаат да градат во нашата индустриска зона и се надевам дека ќе биде успешен проект за општината и нејзиниот напредок.

АНАЛИТИКУМ: Дали има слух централната власт за помош и реализација на клучните проекти за граѓаните во Општина Новаци?

Бидеќи во Македонија во поголемиот дел од општоните градоначалниците се од ВМРО ДПМНЕ а централната власт сеуште ја има СДСМ вистинската комуникација со централната власт не е на заводно ниво, истото е и со Општина Новаци, меѓутоа со големата упорноста и желбата да направам  нешто повеќе за жителите на мојата општина се трудам да бидат надминати овие политички бариери.

АНАЛИТИКУМ: Господине Стевановски, ви благодариме што прифативте да бидете гостин во нашиот ценет медиум и низ разговор да ги информираме граѓаните за тековните активности и за идните проекти во Општина Новаци.

Ви благодарам за поканата и можноста што ми ја дадовте да претставам дел од активностите и проектите кои ги работиме во Општина Новаци.