👁️  26

Велат дека не постои едно годишно време за љубовта, но се чини дека месецот мај е можеби најубавиот и најромантичниот месец во годината, месец во кој блеска пролетта со сета своја раскошна убавина, будејќи ги нашите емоции и кревки чувства.

Кога се работи за поезија, најдобро е да се започне од домашната, затоа што оние цитати и стихови напишани на мајчин јазик ќе ги доживеете и почувствувате подобро од која и да било туѓа.

Во ризницата на македонската поезија се кријат неверојатни љубивни стихови, кои допираат и до срцата на најтврдокорните.

Ова се дел од нив…

– Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство. (Петре М. Андреевски)

– Спијачите си спијат, сонуваат само сонувачите. (Влада Урошевиќ)

– И мојата душа нека биде твоја, а мое да биде твоето лице. (Ацо Караманов)

– Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња, ќе те љубам и губам и во пости и пред гости, само да ме сакаш. (Петре М. Андреевски)

– Па сепак, окото и увото се праг на надежта, што она ја засолнила. (Гане Тодоровски)

– Не иди, зашто жалосна би била, и колку да те копнеам – се ледам. (Блаже Конески)

– И ништо не ми расправај, ништо не ме прашувај – да биде тишина… (Гого Ивановски)

– Сѐ повеќе има жени со зелени очи, сѐ повеќе возови што не доаѓаат навреме. (Влада Урошевиќ)

– Дојди, свои сме, јас – глад, а ти прекор, обајцата до корен она што сме. (Славко Јаневски)

– Два конца парај од срцето драги, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави траги, другиот копнеж и светол и стрвен. (Блаже Конески)

– Ги расклопувам очите. Во мојата уста твоето име, наместо Господовото. (Кочо Рацин)

– Ќе ме сотрат еден ден чинам или убавите жени или лошите вина. (Гане Тодоровски)

– Патував долго, патував цела вечност, од тебе до мојата небиднина. (Ацо Шопов)

– Сама себеси врата – сама себеси клуч. (Анте Поповски)

– Голапче мало убаво, голапче златокрилесто, кога ти дојде при мене, кога в часот побегна? (Константин Миладинов)

– Твојата молбена закана, твојата лукавост нежна и сите твои слатки измами ги знам. (Ацо Шопов)

– Ќе влезам тивко, кротко ќе си седам крај тебе, во мракот втренчен да те гледам сам. (Никола Вапцаров)

– Еден ден ќе се сретнеме како бротче од хартија и лубеница што се лади во реката. (Никола Маџиров)

– Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе. (Кочо Рацин)

– Со благост те љубам тогаш кога правиш сѐ за да ми се одмилиш. (Елизабета Баковска)