👁️  166

Демирхисарската револуционерка Донка Комитката активно учествувала во многу битки, во Илинденското востание, како и Балканските и Првата светска војна, а животот го завршила од природна смрт на денешен ден во 1937 година.

Донка Ставрева (Христова) Ушлинова, наречена Донка Комитката е родена на 21 декември 1885 во демирхисарското село Смилево.

Таа е македонска револуционерка, учесник во македонското револуционерно движење, член и комита на Македонската револуционерна организација.

Млада се омажила за Ставре Христов од битолското село Лера, а брзо потоа мажот и заминал на печалба. И додека таа била сама ја вознемирувал и следел некој Турчин, но храбрата Донка не можејќи да го истрпи тоа го убила и заедно со нејзината јатрва Сребра Апостолова го закопале.

Но, по убиството двете жени биле принудени да заминат и да се одметнат во демирхисарските планини, каде од четата на ресенскиот војвода Славејко Арсов добиле униформи и оружје.

Така Донка Комитката се вклучила во борбата на Македонската револуционерна ораганизација, а пред Илинденското востание учествувала во дваесетина битки во Битолскиот револуционерен округ, кај селата Лева Река, Смилево и Златари.

Фото: Донка со сопругот Ставре Ушлинов во 60. пешадиски полк, 1917 г.

По задушувањето на Илинденското востание, таа била принудена да пребегне во Бугарија, каде стигнала преку Србија, а подоцна како искусен борец Донка станала и подофицер во бугарската армија.

За време на Балканските војни Донка Ушлинова заедно со нејзиниот сопруг Ставре станале доброволци во Осмата костурска дружина на Македонско-одринското ополчение. Ушлинова учествувала во повеќе борби, но се истакнала во битките на Шарќој, Галиполи, при заробувањето на Јавер паша, Руен и Султантепе. За покажаниот хероизам таа станала ефрејтор и била наградена со два ордени за храброст – трети и четврти степен.

За време не Првата светска војна Ушлинова отишла доброволец во Вториот пешадиски македонски полк на Единаесетатa пешадиска македонска дивизија. Таа учествувала во борбите кај Јаребична, Дојран, Круша Планина и многу други. Одликувана е со Орден за храброст од втор степен, а во 1917 година со Орден за храброст прв степен и чин подофицер, одликувана од главниот командант на армијата генерал-лејтенант Никола Жеков.

Таа подоцна била предложена и за офицерски чин, но крајот на војната не дозволил тоа да се случи.

Донка Ушлинова, заедно со сопругот примиле парична помош од 10.000 лева со која изградиле мала куќа во Варна, а во 1924 година им се родил синот Александар. Таа била член на Варненското друштво на офицери Другарски сојуз, сè до нејзината смрт на 27 јуни 1937 година.

По смртта на Донка Комитката, македонскиот женски сојуз издал некролог: „Почина Донка војвода, жена револуционерка, херој и смел борец за родните идеали…“

(Насловна фотографија од Википедија: село Смилево, Демирхисарско)

(Подготви: Д.Г.)