👁️  89

На денешен ден, 15 септември 1901 година, во Кавадарци доаѓа и седум дена, според историчарот Петре Камчевски, престојувал идеологот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.

– Во Кавадарци престојува како илегалец во куќите на Спиро Даскалов и Лазар Бањански. За тоа време одржал голем број на состаноци со раководството на Организацијата во градот како и со комитетите од селата во Тиквешијата. Потоа Гоце заминува во село Ваташа каде е сместен во куќите на Шарлиови, Сојтериови и Поп Антови. Во селското училиште (“Даскал Камче“) одржал голем собир на кој присуствувале повеќе од 200 луѓе, пишува Камчевски.

Историчарот Камчевски беше ревносен хроничар на минатото на Тиквешко и има публикувано голем број документи и фотографии од историјата и поблиското минато на Кавадарци и на Тиквешкиот регион.