На црковно место најприродно е да биде поставен крст. Крстот на Попова Шапка е поставен по барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување, чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат – изјави за „Слободен печат“ претставник на Црковниот одбор на манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка по низата реакции за поставениот 15-метарски крст во дворот на манастирот.

– Крстот е симбол на христијанската вера и истиот не треба да биде јаболко на раздорот во нашето општество. Законот треба да се почитува, но не селективно. Според Законот за градење, па дури и за контејнер за отпад треба да имаш дозвола за поставување, тоа кај нас не се почитува, не само низ Попова Шапка туку и низ градовите. Тоа е пракса, а не закон, најголем дел од таа урбана опрема да се поставува без решение за поставување. Не знам зошто толку се дигна врева за Попова Шапка. Не е подигнат крстот, како некои други објекти, на државно земјиште, тој е подигнат во дворот на манастирот – вели архитект Богосав Божиновски, кој е и член на црковнит одбор на манастирот.