👁️  124

Министерството за здравство и министерот Фатмир Меџити го поддржуваат истражувачкото новинарство, слободата на говорот и јавното мислење бидејќи тоа е одлика на секое слободно и демократско општество какво што е и нашето. Во целост соработувавме и ќе соработуваме со сите институции во врска со судските постапки поврзани со пожарот во Тетово, велат од МЗ.

– Во овој контекст, МЗ во целост ги демантира и ги отфрла како невистина наводите кои се шират на социјалните мрежи дека од страна на МЗ има исплатено пари за модуларните објекти на ЗД Скопје. Ова е апсолутна невистина. Министерот Меџити со стапување на функцијата во МЗ се заложи за откочување на сите постапки, процедури и проекти, кои една година беа заглавени од страна на претходното раководство на МЗ. Една од постапките беше и изградбата на скопските модуларни амбуланти. Една година претходното раководство на МЗ не дало никаков одговор на компанијата која ги правеше објектите, во врска со таа постапка, како би се избегнале судски постапки, за кои отштета би се платила од буџетот, односно од парите на граѓаните, се наведува во соопштението.

МЗ изготви информација до Влада од каде се чека одговор од неколку институции дали МЗ треба да ги исплати трите направени амбуланти, од планираните 10 со што би се одбегнало плаќање на затезни камати и отштета.

-Оваа постапка се уште не е завршена и од страна на МЗ самоиницијативно нема исплатено ниту денар за модуларните објекти. МЗ работи согласно законот и пред се ги штити граѓаните и нивните права, велат од МЗ.