👁️  19

Рејтингот на претседателот Џо Бајден во однос на тоа како ја извршува работата е сериозно намален и три четвртини од гласачите се загрижени поради неговата возраст и менталната спремност, додека две третини се загрижени за бројните судења на поранешниот претседател Доналд Трамп, се дознава од најнова анкета на Ен-би-си.

Трамп засега е во убедливо водство меѓу републиканските тркачи за номинација претседателски кандидат.

Од анкетата се дознава дека мнозинство од Американците не одобруваат како претседателот Џо Бајден ја извршува работата, односно само под четири од десет гласачи одобруваат како тој се справува со економијата и покажуваат мал интерес за избор на демократски кандидат.

Анкетата е спроведена од 15 до 19 септември на само еден месец по последното обвинение против Трамп од округот Фултн во Џорџија.

Околу 74 отсто од гласачите одговориле дека се прилично загрижени (59 отсто) или донекаде загрижени (15 отсто) дека Бајден на возраст од 80 години нема доволно ментално и физичко здравје да биде претседател на САД во втор мандат.

Според анкетата, 62 отсто од гласачите или се прилично загрижени (52 отсто) или донекаде загрижени (10 отсто) за тоа дека Трамп се соочува со криминални и граѓански парници за наводни злосторства, вклучувајќи оспорување на резултатите од изборите во 2020 година.

Понатаму, 60 отсто се многу загриженост (45) или средно загрижени (15) за можноста дека Бајден е вклучен во бизнис активностите на неговиот син Хантер, вклучувајќи наводни финансиски малверзации и корупција.

Околу 47 отсто се мошне загрижени (34) или донекаде загрижени (13) дека на возраст од 77 години Трамп нема да ги поседува потребното ментално и физичко здравје повторно да биде претседател на САД.

-Знам дека тој има 80. Знам дека 80 годишниците се совршено способни. Повеќе сум загрижен од физичкото здравје на Бајден. Тој изгледа некако кревок и оваа работа зема многу (од здравјето), изјави Мари Леон (53), демократ од Тусон, Аризона.

Кевин Честер, републиканец кој во 2016 и 2020 година гласал за Трамп, изјави дека нема да гласа за него во 2024 година ако тој стане кандидат од републиканците поради тоа што „ништо нема да заврши. Ќе се повикува на минатото, ќе биде мило за драго“.

-Би гласал за трет кандидат, во протест ако биде Трамп против Бајден, рече тој.

Бајден засега останува номинален кандидат за претседател од демократите.

Во однос на републиканците, од анкетата се дознава дека Трамп уште повеќе го зголемил националното водство во трката за номинација претседателски кандидат.

И покрај тоа што беше сликан во полициска затворска фотографија „магшот“, одби да дојдеа на првата републиканска дебата во август и се соочува со повеќе криминални тужби, тој сега е во многу поголемо водство со 43 процентни поени од најблискиот натпреварувач. Од анкетата се дознава дека 59 отсто од републиканците би го избрале Трамп на прво место како омилен кандидат, додека 16% би го избрале Рон Десантис, гувернер на Флорида. Во јуни разликата меѓу нив беше 19 поени.

За Ники Хејли, поранешна амбасадорка на САД во ОН, би гласале само 7 отсто од републиканските избирачи, додека за Мајк Пенс – 4 отсто. За Вивек Рамасвај и Аса Хачинсон би гласале само 2 и 1 отсто соодветно

Од анкетата се дознава и дека 37 отсто од гласачите одобруваат како Бајден се справува со економијата, додека 41 отсто одобруваа како тој се справува со надворешната политика.