👁️  110

Во оваа земја најевтин е животот.  Тетовската модуларна болница, Беса-Tранс, Kовид жртвите, родилки, бебиња, деца. Илјадници трагични приказни, страшни и жални, но реални, вели Рашела Мизрахи, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во оваа држава лекувањето се сведе на СМС-пораки и донации собирани по социјалните медиуми. А со аферата на онкологија се стави црна дамка на сите бели мантили во државата. Па поради гревови на поединци или групи гори и сувото покрај суровото. На барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од вчера е основана Анкетна Комисија за скандалот во ЈЗУ универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за која гласаа и неспорно ја поддржаа сите пратеници и пратенички групи во парламентот, истакна таа.

Согласно Одлуката за основање на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Комисијата ги има следните надлежности:

– Да ја утврди хронологијата на настаните и околностите во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија;

– Да ја дефинира политичката одговорност;

– Да утврди дали со скандалот на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија се загрозени основите човекови права на пациентите коишто се лекувале;

– Изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во таа клиника и целокупниот здравствен систем.

„Ја известуваме македонската јавност дека во текот на вчерашниот ден беше изгласана Одлука за избор на членови и заменици членови на Комисијата, а денес предмалку, официјално од страна на Генералниот секретар се назначени и собраниските соработници и службеници кои ќе бидат дел од оваа Анкетна комисија, со што целосно се исполнија условите за почеток со работа на оваа Анкетна комисија.

За таа цел, како претседател на Анкетна комисија ја информирам јавноста, но и медиумите, дека првата седница на оваа Комисија ќе биде закажана за утрешниот ден.

На крајот, сакам јавно од оваа говорница јасно и гласно да порачам дека јас како претседател на анкетната комисија ќе ги заложам сите мои знаења, умеење, труд и со сите останати колеги од комисијата како и 7-мата сила, Вас новинарите, ќе ја извадиме вистината на видело, каква и таа да е“ – вели Мизрахи.