👁️  54

Храмот е дом на сите нас. Во секоја куќа има соби за секого посебно, и трпезарија за сите. Една парохиска црква е како едно семејство, но која има едно место каде што сите се собираат, а тоа е храмот. Секогаш кога се собираме околу една трпеза, Светата Трпеза, и доаѓа Таткото, Христос, за да ни донесе храна, Телото и Крвта Негови. Се разбира, ни има кажано и нагласено дека ако не го јадеме Неговото Тело и Неговата Крв нема да живееме. И овој живот не се однесува само на земскиот живот, туку на животот кој ја победува смртта.

На Божествената Литургија, во храмот кај што се собираме, првата чинија која ни ја дава Отецот, е Неговото Слово, тоа е Светото Евангелие. Бидејќи Самиот ни рече дека „не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор кој доаѓа од устата на Бога“ (Мат. 4,4). И токму како еден човек кој не се храни правилно, не диши правилно, ќе почне наскоро или подоцна да има проблеми, така и ние имаме проблеми во нашиот живот, бидејќи ги отфрливме некои многу битни и суштински работи. Ако имаме доверба во Словото Божјо, ќе ги решиме нашите дилеми и проблеми.

Сте забележале нешто? Најчесто Евангелието почнува со две зборчиња: „Рече Господ…“ И ние кои слушаме, внимаваме ли што вели Господ? Веруваме ли вистински дека не постои збор подостоинствен од она што го вели Господ? Што рече Господ за смислата на животот на човекот? Рече: „Ова е волјата Божја: да бидете осветени“ (1.Сол. 4,3). Смислата на животот на човекот е неговото осветување. Ова е волјата Божја за секого од нас, нашето осветување.

Дури и апостолот Павле ни порачува, „по примерот на Светиот Кој ве повика, бидете свети во сите ваши постапки“ (1.Петр. 1,15), т.е. „согласно со Оној Кој ве повика, кој и самиот е Свет, така и вие трудете се да се подвизувате, во секое ваше однесување да го откривате вашето осветување и да го постигнете…“.
Бог посакува да се всели во нас, да спростре скинија (шатор) во нас и да ни биде наш Отец возљубен и ние негови деца возљубени. Живееме за да станеме жители на Царството Божјо, сожители на светителите.

Кој е свет? Секоја недела, на Божествената Литургија, во моментот кога свештеникот го издига лебот кој е осветен и станал Тело Христово, тогаш вели: „Да внимаваме. Светињите се за светите“. И народот одговара: „Еден е свет, еден е Господ, Исус Христос“ – еден е свет, над сите свет, и тој е Исус Христос.
И тогаш, значи, штом еден е свет, Бог, како е можно ние да станеме свети? Тој пат ни го отвори самиот Христос со тоа што слезе на земјата и стана она што не беше никогаш: човек. Бог се соедини со нас и начинот за да стане некој учесник во животот Божји, е да се соедини со Него. Сега останува на секого од нас да го направиме наш овој живот Божји. Како може да го направиме да биде наш? Со Светото Крштение. Се сеќавате што му рече Христос на Никодим? „Ако некој не се роди одозгора, нема да го види Царството Божјо“ (Јован 3,3). И Никодим изненадено Му вели: „Како е можно човек да се роди по втор пат? Пак ли ќе влезе во утробата на мајка му?“

И Христос му одговори: „Ако некој не се роди преку вода и дух…“ Што е тоа Дух Свети и вода? Таинството на Крштението. Не се крштеваме за да добиеме име, се крштеваме за да се накалемиме на друг квалитет на живеење. Природното раѓање води кон телесна смрт, духовното преродување води кон Царството Божјо. Живеејќи во Телото Христово, се храниме од неговите сокови, т.е. од Божествената Причест, за да стигнеме до „растот од возраста на полнотата Христова“ (Ефес. 4,13). Да пораснеме духовно, да се исполни нашиот живот од присуството на Христос.

Темел на нашето осветување не е да правиме некои добри дела – добрите дела може и да нѐ одведат во пеколот (тоа е веќе потврдено). Кога? Кога нашите добри дела не извираат од објавувањето на Бог во нашиот живот, туку од нашиот егоизам. Бидејќи кога остануваме во нашиот егоизам, остануваме врзани за нашата смртност. Но кога ја признаваме својата немоќ и се соединуваме преку Крштението и кога се храниме со Неговите Тело и Крв, тогаш сѐ што имаме не е наше, туку е Негово, сѐ е Негово, сите се Негови дарови. Значи, заедничариме преку Крштението со Светоста Божја и така заедничариме во Неговиот живот.

Кој е животот на христијанинот? Христијанинот, вели апостолот Павле, го објавува животот Христов „во неговото распадливо тело“. Што се светите мошти? Голи коски кои точат исцеленија! Зошто точат? Бидејќи светиот, пред чии мошти се поклонуваме, станал живеалиште Божјо, целиот бил исполнет од Светиот Дух, стана човек кој не прави „добри дела“, туку го објавува животот Христов. Стана човек кој љуби не само и затоа „што е добро“, туку затоа што Бог е љубов, и љубовта е живот. Стана човек кој не простува едноставно и само затоа што е трпелив, туку бидејќи извинувањето е етос Божји. Стана човек кој не е едноставно смирен бидејќи „така треба“, туку бидејќи е толку „смирен по срце“ што во него живее Бог. Високоумниот човек стои пред Бог и

Му вели: „Не ми требаш, јас ќе си одам по мојот пат, знам што правам“. Смирениот човек стои пред Бога и Му вели: „Господи, сѐ што имам е дар од Тебе“, и стои пред Него со благодарност.

Што значи послушност кон волјата Божја? Означува послушност кон Вистината. Тоа не е збор на еден човек, пред кого можам јас да речам „не се согласувам“. Тоа е Словото Божјо, кое е вистина. Христос се охрабри и рече: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14,6). Ти по кој пат
одиш? Која вистина ја следиш? Кој живот го живееш? Ако ја игнорираме вистината, ќе јадеме камен по глава, порано или покасно. Но, еден човек
кој има смирение, се просветлува од умот и Словото Христово, и понатаму се соочува со еден таков просветлен начин во неговиот живот. Неговите
избори ги прави не егоистично, туку со доверба кон волјата Божја, или ако не може да расуди, бара од Бога да му покаже. Во еден убав псалм се вели:
„Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам“ (Пс. 142,8). Но, ние имаме секогаш мислење и знаење и никогаш не помислуваме дека можеби
правиме грешка!

Еден христијанин кој не станува светител – тој е искривен човек. Светоста не е за малкумина, таа е начелно нешто што ни треба. Христос им рече на луѓето: „Оној кој верува во Мене, ќе ги прави делата што Јас ги правам и поголеми од нив“ (Јован 14,12). Така се објаснуваат чудата на светителите. Ние имаме проблеми во животот секојдневно. Почнуваме да размислуваме: „Добро ли е ова? Што е?“. Не знаеме. Но, ако живееме во благодатта Божја, ќе знаеме, бидејќи благодатта Божја ќе нѐ просветлува и нема да стасаме до безизлез.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Изворник: Δεν έχουμε άλλο δρόμο από την αγάπη!, + Παύλος
Μητροπολίτης Σισανίου και Σιατίστης, Εν πλω, 2019.

Објавено во „Православна светлина“ на Повардарската епархија