👁️  40

Србија инсистира само членовите на мисијата на НАТО, КФОР да бидат распоредени на косовската страна од границата, беше соопштено денеска по средбата меѓу српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер.

Турција ја презеде командата на КФОР во октомври.

-Силно ја охрабруваме директната комуникација меѓу началникот на Генералштабот на војската на Србија и командантот на КФОР и инсистираме на административната линија од страната на Косово и Метохија да бидат присутни само припадниците на КФОР и заеднички патроли на членовите на Српската војска и припадниците на КФОР по административната линија, се наведува во соопштението на министерот за одбрана Милош Вучевиќ.

Вучевиќ најави дека безбедноста на Косово била „доминантна тема на разговор“ со неговиот турски колега.

-Охрабрени сме од гаранциите што ги добивме од г-дин Ѓулер во врска со безбедноста на српската заедница, се додава во соопштението.

Вучевиќ, како што е соопштено, го повторил ставот на Белград дека Србите во Косово „немаат проблем со присуството на членовите на КФОР и дека присуството на КФОР ги намалува тензиите и води кон деескалација“.

Односите меѓу Србија и Косово дополнително се заострија по нападот на вооружена група врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември. Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на водечката партија на Србите, Српска листа.

Радоичиќ, кого Приштина го обвинува за тероризам, е во Србија, а властите во Белград најавија дека нема да го екстрадираат во Приштина.

Тој е под истрага и во Косово и во Србија, но за различни кривични дела.