Кумановските училишта бележат пад на бројот на новозапишани ученици. Трендот на отпишување не застанува. Ниту Куманово не е имуно на иселувањето. Надлежните стравуваат дека идната учебна година статистиката ќе биде уште полоша, поради најавите за олеснување на визниот режим во Германија…
Основните и средни училишта во Куманово последниве години бележат пад на бројот на новозапишани ученици. Ниту најголемата општина во земјава не ја одмина трендот на иселување, смета раководителот на Секторот за образование во Куманово, Јовановиќ. Покрај иселувањето, вели клучни фактори се и падот на наталитетот, како и меѓуопштинската миграција, која и не е толку голем проблем.
„Во учебната 2020/2021 година на ниво на општината има запишано 4.508 ученици во средни општински училишта, во учебната 2021-2022 има 4.423 ученици и во 2023 се 4.126 ученици“, истакна раководителот на Секторот за образование во Куманово, Александар Јовановиќ.
Надлежните стравуваат дека идната учебна година бројките со запишани ученици можат да бидат уште полоши, поради најави за олеснување на визниот режим во Германија.
„Ќе го видите и оној тренд на отпишување на учениците. Внатрешна миграција не е проблем, но надвор од општината заминување. Сепак во споредба со другите општини од регионот општината е најголема и во државата, но фактите се тие дека не сме имуни ниту ние“, нагласи тој.
Процесот на електронско запишување на учениците кој започна да се применува годинава, Јовановиќ го оцени како позитивен. На овој начин вели, Министерството за образование и училиштата имаат директен увид во бројот на запишани ученици.