👁️  257

Стана нормално во државата секој еден поединец кој си има работа со системот да даде пари или мито. Од највисоката до најмалата позиција. Се краде од министер до портир низ државните институции, а оној кој не го прави тоа, на него се гледа како исклучок. И оваа култура на корупција и крадење е само пресликување на однесувањето на челните луѓе на државата. И таквата култура на корупција ја гледаме и во случајот со Онкологија каде се крадело од болните со рак. Човек со мачнина гледа како имало профитери од туѓата смрт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со своето обраќање во Велес.

Мицкоски укажа дека секаде во светот, и во други држави има случаи каде ќе има недостатоци на системот и грозоморни исклучоци на брутално кршење на правилата и законите.

„Но, функционалните држави се разликуваат од нас по начинот на кој тие реагираат и постапуваат откако ќе излезе ваков скандал и одговорноста која мора да ја има. А, што направи оваа власт? Влезе обвинителството не со истрага, туку со предистрага, а истиве кои профитирале на грбот на најзагрозените сега се уште се во состојба да работат. Повторно одредуваат терапија која ја краделе и во секој час може да го повторат делото“, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека за ваквите случаи треба да одговараат реалните виновници, односно креатори на истите.

„Воедно доста со навреди на интелигенција дека за големите катастрофи во Македонија може да биде виновен кабелот, кочниците, или сестрите, а не и оние што потпишуваат договори и даваат насоки“, заклучи Мицкоски.