👁️  54

Драги пријатели,

браќа и сестри,

Почитувани учесници на оваа дискусија,

уважени гости,

Светите браќа Кирил и Методиј не се само словенски просветители, тие се рамноапостоли и прогласени за заштитници на Европа. Тоа само го покажува големото дело кое го оставиле зад себе, дело кое после повеќе од еден милениум сеуште е живо како никогаш до сега. И дело врз чии темели се родија и Светите Климент и Наум, зборот на Мисирков, Пулевски, Прличев, Коневски. Таа македонска низа на безвременото дело низ чии корени се изнедри македонскиот збор и писмо. Заслуга на работата на Св. Кирил и Методиј е секој денешен изговорен или напишан збори, стих или текст на македонски или полски, српски или руски, украински или словенечки, чешки, хрватски, бугарски или било кој друг словенски јазик.

Тоа е нашиот придонес за културната и јазична ризница на Европа. Браќата Кирил и Методиј со нивната просветителска дејност, преводот на литургиските книги на старословенски, словенската азбука глаголица и ревносната борба против тријазичната ерес ги издигна на пијадесталот меѓу словенскиот род и ги запиша со златни букви не само во македонската историја, туку и во европската и светската.

Браќата Кирил и Методиј покажаа пред еден милениум дека нема инфериорни култури и народи, дека нема нееднакви пред божјото слово и божјата правда, дека секоја неправда може да се порази со силната волја и посветеност, работа и труд. Нивниот аманет кој го оставиле е голем, исто како што е големо и нивното име. Тие се денес европски светители и заштитници и секој може да го слави нивното дело, но факт е дека пред повеќе од 1100 години нивните мисионерски чекори почнале од македонската земја и токму од македонската земја го земаат сето свое јазично, културно и идентитетско семе и го шират низ целиот словенски свет.

И ако не беше нивната духовна сила, и школа немаше да биде ниту Св. Климент и Св. Наум, кои се најсилната греда врз која се потпира и нашата света православна црква, но и нашата писменост. Затоа Св. Кирил и Методиј се стожерот на нашето постоење, над 1100 години потоа содржејќи ја универзалната порака на единство, посветеност и образование кое има моќ да ја менува реалноста.

Денес во Македонија десетици илјади деца се надвор од образовниот процес, над 80 илјади живеат во тешка сиромаштија обременети со голата борба за живот. Одбивам да говорам за образованието на ниво на зборови и флоскули, туку тоа мора да се заоснова на дела. Поразително е што многу деца, многу луѓе не само што не се вклучени во обраовниот процес, туку им се одзема шансата да бидат како другите свои врсници и да ги имаат истите услови за образование. Многу од младите луѓе се приморани да работат, од мали нозе, откажувајќи се од својот сон за шанса преку образованието. Уште позагрижувачки е моралната дисторзија во општеството каде неморалното се преставува за морално, а неморалното за принцип кој треба да се следи.

Да не се залажуваме со хартии, планови, извештаи, анализи. Корупцијата ја јаде секоја слободна пора во општеството. Таа ги руши сите стандарди, создава декаденција и станува дел од една би рекол култура на владеење, каде да се даде мито, да се даде поткуп е сосема нормална и неизбежна работа. Од друга страна чесниот народ, мнозинството од народот, кој чесен, трудољубив, и кој премногу долго само сонуваше без да го оствари тој реален сон е веќе изморен од чекање. Го знам копнежот на секој еден вас тука, но и копнежот на илјадници други низ нашата Македонија кои велат ова е последната шанса за нашата држава. Премногу добри луѓе веќе ја напуштија државата или пак живеат живот на постојано патување од родната грутка до својата нова држава каде работат и се борат. Никогаш не смееме да ги обвиниме овие луѓе, туку вината треба да се бара безмалку во сите тие кои над 3 години велеа дека го следат сонот, но реално потфрлија за градба на слободна, просперитетна и успешна Македонија.

Некој ќе прашања, како дојдовме до овде?  Со многу компромиси на штета на вредностите во кои колнеа дека веруваат. Со многу поделби кои редовно се завесата зад кои се кријат поединечни и најчесто лукративни интереси. Со многу посеана омраза едни кон други и вештачки ѕидови кои се подигнати меѓу реалните луѓе на кое им се сервира тоа семе на злото. До тука дојдовме преку окупирањето на колективната сопственост врз државата и нејзино злоуотребување од стотина луѓе кои ако не се власт, сигурно ќе се заканат со некои подруми, со некои поделби, конфликти или оружје. Тоа семе на зло,  роди затруени плодови. И тоа го прават затоа што се уплашени, затоа што знаат дека ако не се власт, не се достојни за привилегии, и немаат додадена вредност во општеството. Народот премногу губеше, премногу е сериозна работата за да мислат тие кои се закануваат дека има нешто повеќе да се загуби во ситуација кога сите ние сме доведени до работ, до линијата преку која не можеме да поминеме, и која се сведува на тоа или ќе не биде, или не, како и тоа дека го немаме изборот, ниту луксузот овој пат да не успееме.

Мојата цел е да ги надминиме сите поделби, да ја победиме секоја омраза и да ги сооиме изворите на тоа зло со одговорноста која мора да биде неодминлива, апсолутна и неселективна.

Наспроти ова, народот знае дека за сите нас постои едно исто небо под кое живееме, тагуваме и се радуваме. Позади мене е Охридското езеро чиј брег илјадници години обединува луѓе од различни етнички и верски припадности. Не постои лева или десна, на власта или на опозицијата, не постои нешто како лош или добар народ, постои само една, Македонија, со пристојни луѓе кои заслужуваат среќа. Постои само една наша Македонија. Со историја пред која се поклонуваме, и иднина која мораме да ја создаваме сами и за која сме подготвени да се бориме. Немаме време да трошиме за жалење над неправдите врз нас, ниту пак за промашените шанси на тие пред нас. Ние самите мораме да ги создадеме наредните шанси и да ги издвојуваме заедничките победи.

Интересно е како една заклетва на Претседателот на Републиката може да го сврти вниманието на целата грчка и европска јавност, а нашето непринципиелно чекање во чекалницата пред Европската Унија повеќе од две и половина децении, со платени високи цени за влез, никако не се коментира ниту е предмет на интерес. Јас сум свесен и за објективните слабости во потенцијалот на институциите, во присуството на корупцијата и акутната неспособност за резултати на власта во заминување, но Македонија плаќање скапа цена поради блокадите на соседите, иако го делиме и заслужуваме заедничкиот европски сон кој е нашата заедничка цел.

Во тоа постојано чекање се губи нашето достоинство. Се удира и по нашата самодоверба и колективно самоопределување. Ако гоговорам ова не значи дека се откажувам од тој сон, затоа што и Македонија е Европа и го полага правото за членство во Унијата. Затоа што мал, но многу значаен дел од колективата крепост на Европа и припаѓа и на Македонија, татковината на Св. Климент и Наум, на Света Лидија Македонката,  Свети Еразмо Охридски, Горги Кратовски, Злата Мегленска и многу други светители. Врз овие грамадни имиња се потпира и нашата света Македонска Православна Црква, Охридска Архиеископија. Која ја има и ќе продолжи да ја има мојата поддршка во борбата за соувување и идентитско самоопределување, согласно заложбите и апелите на г.г Стефан.

Од друга страна она на што првенствено ќе се посветам е она што најмногу, убедливо најмногу го засега секој еден човек, а тоа е потребата за подобар живот и изградба на заедничка иднина. Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално, и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати.

Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот, и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува. За брзо од сега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша напорна и голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме. Многумина од вас овде се гледаат на различни позиции, функции и места, но никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој кој ја дава оваа власт, а тоа е народот. Бидете свесни дека секое ваше потрфлање ќе биде разочарување на народот и луѓето чии дланки ги стиснавме во нашата повеќегодишна битка за ставање на крај на ова владеење.

Секоја стисната дланка беше рака на подадена надеж. Секој разменет збор беше ново очекување и добиена поддршка која мора да се заслужи и одработи. Мора да се покаже задолжителна доблест и пример во владеењето и да се покаже одговорност. Работете беспоштедно од првиот ден, решавајте што е можно повеќе проблеми и бидете промената која може и мора да се види од првиот час.

Секој ќе добие шанса, секој од вас, но таа шанса е обврска која морате да ја исполните. Не планирам да го задржувам потенцијалот на луѓето околу мене, затоа што доколку тоа би го правел би бил себичен, тој мора да се разлее низ институциите кои предолго беа заспани и уништувани и способните да добијат вистинска шанса. Знајте дека ја имате мојата доверба, но и ќе ја имате мојата апсолутна жестокост без пардон доколку било кој од вас влезе во коруптивни или задкулисни игри.

Драги пријатели,

браќа и сестри,

На овој светол ден нема да навлегувам во математики, бројки за министерства, туку само ќе кажам дека новата влада ќе промовира и застапува единство и обединување на креативниот и прогресивен потенцијал.

Ќе се навратам на зборовите кажани овде.

„Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? – мораме да сеобединиме под исто знаме, по исто небо и да работиме за заедничката иднина.

Кога ќе кажат Македонија е земја без историја или незнаат ништо или намерно и свесно се прават неми пред вистинските паметници на нашата историја која е и длабока, и голема и вкоренета во кодот на секој наш човек. Погледнете го овој манастирски комплекс пред нас, кој вековно опстојува и памети бури и искушенија. Недалеку овде е и Плаошник, подоле Св. Наум и  стотина други храмови кои говора зошто нашата историја е скапа и посакувана. Ќе ја сочуваме само ако го продолжиме делото на Св. Кирил и Методиј, само доколку самите создаваме шанси и се бориме за нескршливо единство, да делуваме како едно, сите обединиети како еден. Болката на нашиот пријател е и наша болка. Проблемот на нашиот сосед е и мој проблем. Искушенијата низ кои минуваат нашите деца се и наши искушенија. Само така ќе го постигнеме прогресот во кој веруваме и иднина каква што сакаме да ја имаме.

Македонија ќе биде повторно твоја, наша заедничка. Нека е за многу години празникот. Бог да ја благослови нашата Македонија.