👁️  12

За жал судско обвинителскиот систем во Македонија е катастрофален и тоа што е пример за заробено судство е денес практично македонското судство. Би сакал да посочам неколку работи кои мислам дека се многу важни. Имено, од страна на судскиот совет и советот на јавни обвинители се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители. Нешто што досега не е запаметено. Имаме демократски избрана власт со повеќе од 600.000 гласови, а од друга страна има неколкумина во судската власт кои се слепи послушници на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Отприлика вака функционира нашиот судско-обвинителски систем- посочи претседателот на владата Христијан Мицкоски на пратеничко прашање за состојбите во правосудството и Академијата за судии и обвинители.

Тој посочи три примери како илустрација на состојбите во правосудството.

За член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите , Судскиот совет ја избра од сите, Антоанета Димовска, сестра на поранешната пратеничка на СДСМ Снежана Калевска Ванчева. Таа е избрана од страна на Судскиот совет за член на управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители и тоа е спротивно на закон, бидејќи не е од редот на судиите, односно е член на судскиот совет, што претставува избрана или именувана функција и не смее истовремено да врши функција во орган на управување, како што е УО на Академијата за судии и јавни обвинители. Има судир на интереси- посочи Мицкоски и дополни: за нејзин заменик е назначена е Емел Кранли, прва братучетка на Ветон Кранли, љубител на монети и близок соработник на Оливер Спасовски кој своевремено го назначил за началник на оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ. Одиме понатаму. Исто така за член на УО во Академијата од редот на јавните обвинители, Советот на јавни обвинители ја назначил Душица Димитриеска, мајка на Ема Нешкоска, инаку актуелен член на Советот на Општина Гостивар од СДСМ и кандидат за пратеник на пратеничката листа од истата партија во изборна единица 6 на последните парламентарни избори.

Претседателот на владата Мицкоски истакна дека секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш веднаш излегуваат експерти, кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, да ги бранат позициите дека тоа не може да се направи.

Ова е дел од анамнезата, а што е решението? Решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, затоа што ако вака продолжиме следниот извештај на ЕК нема да биде ваков, туку ќе биде негативен. Затоа што се уште тие кои што слугуваа на коалицијата СДСМ и ДУИ се водечки во судско обвинителскиот систем, заклучи премиерот Мицкоски.