МИЦКОСКИ: Нивното дело и пожртвуваност се памети, нивната храброст и одлучност се почитува, слава на хероите од Карпалак

Слава за хероите од Карпалак, објави премиерот Христијан Мицкоски по повод годишнината од загинувањето на македонските бранители кај Карпалак во конфликот од 2001 година.

-Нивното дело и пожртвуваност се памети, нивната храброст и одлучност се почитува. Нека нивната жртва биде аманет за идните генерации, дека слободата, мирот и достоинството се свети. Карпалак го паметиме како наша обврска, да изградиме држава во која нема да има место за омраза, за поделби, за неправди, и каде слободата на нашата татковина е неприкосновена. Македонија никогаш нема да ве заборави! Карпалак е рана, но и аманет, пишува Мицкоски во својата објава.

Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Повеќе делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите, во Прилеп и населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак каде на 8 август 2001 година во заседа загинаа 10-те прилепски бранители, кога беше нападнат армискиот конвој.

Делегација на Собранието во состав Биљана Кузманоска, Пеце Милевски и Миле Талевски, ќе положи цвеќе пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп.

Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај Карпалак, со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“.


Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака – никогаш да не се повтори.

Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната оддадоа повеќе делегации, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.

Во чест на загинатите бранители, вчера беше посетен нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ каде се одржа вечерна богослужба.

На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.