👁️  26

Нема да има уставни измени под овие услови, затоа што овие услови се понижувачки, антимакедонски, не нудат развој, не нудат напредок и цениме дека тоа што го потпишаа, пред се Бујар Османи и Ковачевски, значеше да добијат уште некој месец во својата политичка кариера. Еве успеаја, добија уште година и половина, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан за коментар за понудата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи за гласање на уставни измени за возврат на предвремени парламентарни избори.

„Тие што им веруваа дека можат да испорачаат, сфаќаат сега дека не можат да испорачаат. Владата презема ингеренции кои што не и припаѓаат, таа ги презема ингеренциите на Парламентот. Утре може да донесе заклучок владата да го избрише постоењето на Општина Ѓорче Петров, да речеме, и сега ние тоа треба да го почитуваме? Они можат секакви заклучоци да си носат, ние не можеме такви заклучоци на луѓе, кои се политички аналфабети и кукавици, да почитуваме. Затоа, мојот совет е, таа тема навистина да ја затвориме, да се посветиме на реалните теми“, рече Мицкоски.

Меѓу реалните теми кои ги интересираат граѓаните, Мицкоски го посочи и случајот од пред неколку дена во трговскиот центар Ист Гејт, при што рече дека криминалци се убиваат по трговски центри сред бел ден, главен заштитник на тие криминалци и коалиционен партнер на нив им е врхушката во министерството за внатрешни работи.

„Се уште децата немаат учебници во училиштата, здравството го тресе историски, епски најголемиот скандал онкологија, се шверцувале лекови кои што требале да бидат наменети за луѓето кои што се борат за живот, заработувале на смртта на луѓето и можам да ви редам уште многу примери, тоа е она што го интересира македонскиот граѓанин. Ова што нив ги интересира, не го интересира македонскиот народ и одговорот за тоа ќе го добијат на избори“, заклучи Мицкоски.