👁️  68

При денешната посета на општина Аеродром во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека во Израел има заглавено македонски државјани а оставени се сами на себе да се снаоѓаат и со туѓи чартер летови да се враќаат назад во земјата истакна дека власта на СДСМ и ДУИ е епски неспособна а додека околните држави веќе ги вратија своите сограѓани дома со чартер летови, за нашите државјани кои се заглавени во Израел никој не води сметка и нема кој да ги донесе дома.

„Тоа го коментирам како епска неспособност на владата на СДСМ и ДУИ, претпоставувам има разногласие во самата влада, која од страните има позитивна улога а која има негативна улога, – рече Мицкоски и дополни – една конфузна ситуација која што навистина е без преседан. И она кое што јас можам да го кажам во овој момент е дека таму имаме заглавено македонски граѓани кои што за жал се снаоѓаат кој како умее и знае затоа што овие во владата се оптеретени во насока на тоа кој повеќе тендери да украде, кој повеќе провизии да собере и кој повеќе би рекол да направи скандали. И тоа не е добро. Бидејќи гледаме како околните држави праќаат чартер летови, праќаат летови во Израел, каде што беше јасна агресијата на терористичката Хамас врз недолжното население во делот на државата Израел, и навистина тоа беше еден напад без преседан, кога гледате како цивили долго време се држат како заробеници и како цивили тој ден буквално страдаа под налетот на овие терористи а околните држави си се снајдоа си испратија чартер летови, државјани на Црна Гора, на Србија на Хрватска, на Босна и Херцеговина се веќе тука а за жал нашите сограѓани нема кој да води сметка за нив и да ги донесе“, нагласи Мицкоски.