👁️  201

Светската фудбалска федерација (ФИФА), како секоја година, така и оваа ги избра најдобрите на свечената церемонија „The Best“. Очекувано, најголемо исчекување имаше за прогласувањето за најдобриот фудбалер на светот за 2022 година. Така, за најдобар играч беше одбран Лионел Меси, победувајќи ја конкуренцијата на Килијан Мбапе и Карим Бензема.

Аргентинскиот ас зад себе остави историска година, бидејќи со својата селекција го освои Мундијалот и го подигна единствениот трофеј кој му недостигаше.

Меси беше вистински лидер на „гаучосите“ на Мундијалот во Катар, а во големото финале двапати се запиша во листата на стрелците, а потоа беше и сигурен во пенал-серијата.

Меси по вторпат ја добива престижната „Тhe Best“ награда, откако за најдобар беше прогласен во 2019 година, кога ги победи Ван Дајк и Кристијано Роналдо.

Во склоп на церемонијата во Париз беше избрана и најдобрата фудбалерка за изминатите дванаесет месеци, а признанието ѝ припадна на Алесиа Путељас, втора година по ред.