Британецот Луис Хамилтон не оствари ниту една победа минатата година во Формула 1 шампионатот, но тоа не беше пречка за челниците на тимот на Мерцедес да му понудат нов договор со рекордна сума.
Неговиот сегашен договор завршува на крајот од годинава, според кој заработува околу 40 милиони евра, но германската екипа сака уште сега да го „врзе“ и за во следните две години односно за до крајот на сезоната во 2025 година.
За тоа, Мерцедес е подготвен да плати вкупно 140 милиони евра, што ќе биде нов рекорд во Ф1, сума која, сепак, е далеку од бараните 400 милиони евра од страна на Хамилтон за период кој не е прецизиран.
Британецот тешко дека би можел да го одбие овој договор, кој му предвидува и дополнителни 20 милиони евра годишно за функцијата „спортски амбасадор на компанијата Дајмлер. Неговата последна победа во Ф1 е остварена на 5 декември 2021 година во Саудиска Арабија.
Во новата сезона новитет во Формула 1 ќе биде тоа што сите возачи ќе имаат минијатурни камери во кацигите, кои ќе им помогнат на ТВ гледачите да видат се што гледа „пилотот“ зад воланот на тркачки автомобил.
Формула 1 потпиша договор со Racing Force Group за користење на камерите. ФОМ експериментира со овие камери во последните неколку сезони, а фановите и ТВ куќите се воодушевени од резултатите. Сепак, ФИА се сомнева дали овие камери ќе бидат опасни во случај на колички и удари на кацигата на пилотот.
Камерите ќе бидат минијатурни – ќе тежат само 1,43 грама, а дијаметарот на објективот е 8 милиметри, а камерата е поставена во внатрешниот заштитен слој на кацигата на ниво на очите на пилотот.