👁️  145

Околу 280 илјади луѓе се пријавиле за професионална служба во руските вооружени сили досега оваа година, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, поранешниот претседател Дмитриј Медведев, цитиран од британските и руските медиуми.

Тој додаде дека за време на неговата посета на рускиот Далечен Исток се сретнал со локалните власти за да работи на зајакнување на вооружените сили.

-Според податоците на Министерството за одбрана, од 1 јануари до сега, во редовите на вооружените сили на договор се примени околу 280.000 лица, вклучително и резервисти, нагласи тој.

Минатата година Русија објави план за проширување на своите борбени сили за повеќе од 30 отсто на 1,5 милиони. Некои руски пратеници сугерираат дека на Русија и е потребна професионална армија од седум милиони за да ја обезбеди безбедноста на земјата, за што би биле потребни огромни буџетски средства.

Во септември 2022 година, претседателот Владимир Путин нареди „делумна мобилизација“ од 300 илјади резервисти, што поттикна уште стотици илјади да ја напуштат Русија за да избегнат да бидат испратени да се борат. Путин подоцна рече дека нема потреба од дополнителна мобилизација.

Медведев, исто така, рече дека „милитаризацијата“ на Јапонија ја комплицира ситуацијата во азиско-пацифичкиот регион“.

-Штета што јапонските власти следат курс кон нова милитаризација на земјата. Во близина на Курилските острови се одржуваат воени вежби, што сериозно ја усложнува ситуацијата во азиско-пацифичкиот регион, нагласи Медведев.

Русија, додаде тој „мора да возврати против оние кои го водат човештвото до глобална катастрофа и да ја извојува победата, како што направи пред 80 години“.  (МИА)