👁️  180

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ очекува кон крајот на април или почетокот на мај веќе да има прва исплата на средства од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан.

Дотогаш, како што вели тој, очекува да биде се завршено – да биде усогласен нашиот тригодишен реформски план што треба да го исполниме, како и усвојувањето на Планот за раст во Европскиот совет.

Прашан до каде сме ние со тригодишниот план за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и на што ќе се стави фокусот особено во делот на реформите и проектите, Маричиќ рече дека првата верзија била усвоена на седница на Владата на 6 декември минатата година, по што и веднаш го доставиле како прва верзија.

– Секако се разгледува во Брисел, има некои укажувања, забелешки, меѓутоа генерално се работи за сет мерки поврзани со реформи во јавната администрација, реформи во правосудството пред се околу зајакнување на улогата на Судскиот совет и зајакнување на оној процес на избори и разрешување на судиите и има една серија на мерки поврзани со фискалната стабилност, финансиската транспарентност, а со крајна цел да до 2027 година сите тие работи бидат завршени, изјави Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на годишната конференција „Година на европски можности“.

Мерките, посочи тој, се извлечени од Извештајот за напредокот минатата година, како и од скрининг извештаите коишто се досега готови за првиот кластер.

– Нема никакви изненадувања во тој план. Ние направивме во разговори со ЕК селекција и гледавме тој да биде во исто време и реален, реално остварлив, но и доволно амбициозен, да не биде не амбициозен и лесно остварлив, туку да биде доволно амбициозен, но исто така и остварлив. Штом добиеме зелено светло дека е одобрен како таков од државите членки и дека пакетот целосно е одобрен во Планот за раст од страна на државите членки на ЕУ ние ќе почнеме во негова реализација и сите рокови ги договараме заедно со директорот Копман, рече Маричиќ.

Според Маричиќ, нема некои суштински забелешки, бидејќи истиот е правен со Европската комисија.

– Забелешките се повеќе технички околу приоритетите и околу да речам временската рамка во која треба да се исполнат. Задачите – нема некои суштински забелешки бидејќи и планот е правен заедно со колетите од ЕК врз основа на нивните извештаи, нагласи Маричиќ.

Во однос усвојувањето во Европскиот совет, Маричиќ, посочи дека тој процес на усвојување е комплексен.

– Значи, не е само одлука на Европскиот совет. Тоа подразбира и одлука на Европскиот парламент на што исто така заедно работиме со останатите држави членки – двајца хрватски европратеници се известители за планот за раст, г. Пицула и уште еден од ХДЗ и се надевам дека набргу ќе ја достават нивната резолуција за поддршка на планот за развој во Европскиот парламент. Значи, треба да го усвои Европскиот парламент, треба да се направи финансиска спогодба која што ќе биде и потпишана и ратификувана и потоа ќе можеме да сметаме дека може да почне да се имплементира, појасни Маричиќ.

Очекувам, нагласи Маричиќ, најдоцна во март тоа да биде се’ комплетирано.

Фото: МИА