👁️  26

На конструктивната средба со Габриел Ескобар, американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик-помошник на државниот секретар за Европа и Евроазија, потврдивме дека нашето стратешко партнерство ги зајакнува односите меѓу двете држави и нашето заедничко дејствување за напредок на целиот регион кон ЕУ , истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата што се одржа во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации.

Со премиерот Димитар Ковачевски, како што истакна Маричиќ, ја изразиле подготвеноста на Владата и определбата за продолжување на сите реформски процеси кои се од клучно значење за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

-Работејќи на нов напредок во преговорите со ЕУ, веруваме дека во наредниот период ќе ги оправдаме очекувањата на нашите сојузници и ќе продолжиме во правец за брзо членство во ЕУ, а САД ќе продолжи да ги поддржува реформите на патот кон ЕУ, нагласи вицепремиерот Маричиќ.

САД, како што посочи Маричиќ, ги цени волјата и сериозниот пристап кој Северна Македонија го има кон евроинтеграцијата и одржувањето на стабилноста и мирот на целиот регион, што нѐ прави кредибилен и важен партнер на НАТО Алијансата, чиј придонес е признат и ценет.