👁️  5

Инфлацијата ги изеде пензиите, платите и стандардот на граѓаните. Од јануари 2021 година до септември 2023 година храната и пијалоците се поскапени за 45%, трошоците за домување се повисоки за 27%, транспортот за 35%, колку и услугите во рестораните, а платите и пензиите не се зголемија со истото темпо. Ова значи дека реалната вредност на платите се намалила. Бројките се неумоливи. Во 2022 година реалната плата паднала за 5%, а оваа година во септември во однос на септември лани трошоците на живот се зголемени за 6.6%, а цените на мало за 4.7%.

А уште позастрашувачка е изјавата на самиот вицепремиер Битиќи кој призна дека во Македонија храната и основните трошоци за живот се пораснати за 46%, во споредба со Европа каде што истите поскапеле само за 11 %. Тоа значи дека кај нас граѓаните 4 пати побрзо осиромашуваат во споредба со европските граѓани.

Како да беше ова малку, па уште со одлука на власта на ДУИ и СДС се зголемуваат цените на над 1.000 други производи. Власта дури и ги мамеше граѓаните правдајќи го ова поскапување со зголемен данок за луксузни производи, за потоа да се види дека на листата се наоѓаат урда, сирење, урда, детска храна, чаеви, брашно, компоти, феферони и десетици други производи кои просечниот граѓанин секојдневно ги купува. Сега делумно ретерира под притисок на јавноста. Целта е јасна да го полнат буџетот преку двојно зголемената ставка на ДДВ за производите од оваа листа. Со тоа сакаат да го надополнат кусукот кој се појави во буџетот во првата половина на година, а кој требаше да дојде на име на ДДВ.

Со други зборови нивната неспособност да водат економија ќе ја наплаќаат на грбот на народот, за потоа парите во буџетот да ги трошат на криминални тендери и коруптивни зделки.