👁️  5

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го предупреди Израел дека неговата цел – „тотално уништување на Хамас“, палестинското исламистичко движење во Газа, треба да се „прецизира“, бидејќи постои ризик тоа да значи десет години војна.

– Целосно уништување на Хамас, што е тоа? Дали некој мисли дека тоа е можно? Ако е така, војната ќе трае десет години. Мислам дека никој сериозно не знае како да ја дефинира таа цел. Затоа, таа цел треба да се прецизира, изјави Макрон пред новинарите во Дубаи за време на Меѓународната конференција за климата (КОП28).

Тој рече дека „добра борба против тероризмот не значи систематско и постојано бомбардирање“.

По седумдневното примирје Израел продолжи со нападите врз Газа како одговор на упадот на Хамас на израелска територија на 7 октомври. Израел претходно најави дека негова цел е целосно уништување на Хамас, кој е на власт во Појасот Газа.

Макрон рече дека напорите треба да се удвојат за да се постигне траен прекин на огнот во војната.

– Продолжувањето на борбите во Појасот Газа … е загрижувачко и е предмет на многу разговори во Дубаи, рече Макрон.

– Таа ситуација бара двојно повеќе напори за да се постигне траен прекин на огнот, да се обезбеди ослободување на сите заложници кои сè уште ги држи Хамас и да се достави помошта што итно му е потребна на народот во Газа и да се даде гаранција на Израел дека неговата безбедност повторно е воспоставена, нагласи францускиот претседател. (МИА)