👁️  54

Македонските одбојкари ја забележаа и втората победа на својот втор меч на Европското првенство во Скопје, лесно и убедливо декласирајќи ја Црна Гора со максимални 3-0.

Растоварени без притисокот од оној прв меч против Данска, нашите репрезентативци одиграа одличен меч, максимално тактички подготвени од селекторот Миленкоски и во ниту еден момент не му дозволија на противникот да се понадева на изненадување во Скопје.

Двете победи на стартот (со 3-1 и 3-0 во сетови) значат и речиси математички пласман во следната фаза од европскиот шампионат, прв ваков подвиг на Македонија на третото учество на одбојкарските ЕП.

Први два натпревара и две победи, над Данска и над Црна Гора, за извонреден старт на шампионатот пред дуелите со Полска, Холандија и со Чешка, со кои ќе се бориме за што подобро место во групата во пресрет на нокаут фазата во Бари.

Брилијантен меч имаше Филип Савовски кој имаше дури девет блока, мечот го заврши со 12 поени. Најефикасен беше Никола Ѓорѓиев со 20 поени, Љафтов имаше 13.

Македонија во рамките од третото коло утре со почеток во 20 часот ќе се сретне со фаворитот во групата, селекцијата на Полска.