
Под водство на актуелниот извршен директор Бобан Гоговски „Тетекс“ оствари профит поголем од 1,1 милиони евра. За тоа компанијата ќе го награди со 52.500 евра. Менаџерскиот тим што го води Гоговски на секој акционер му носи нето дивиденда од 100 денари за акција
Тетовската компанија „Тетекс“ ќе го награди својот генерален и извршен директор со 52.500 евра од добивката за 2022 година, пишува во предлог одлуката за распределба на дивидендата достапна на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Под водство на Бобан Гоговски, новиот генерален директор кој воедно е и извршен член на Одборот на директори, „Тетекс„ лани оствари добивка од 1,1 милиони евра. За остварениот резултат лани „Тетекс“ ќе одвои 4,7 отсто од профитот како награда за новиот директор кој го наследи својот татко на позицијата во некогашниот текстилен гигант „Тетекс“.
Корпоративната култура што ја промовира менаџментот на „Тетекс“ е за респект. Од целата добивка дури 67 отсто односно 740.800 евра ќе бидат наменети за распределба на дивиденда на неговите акционери. Станува збор за повеќе од 1.000 домашни физички лица. Тројца меѓу нив ќе поделат околу 20 отсто од дивидендата,а тоа се законските наследници на Глигорие Гоговски односно членовите на неговото семејство. Нето износот на дивиденда по акција за домашно физичко лице е 100 денари.
Нешто повеќе од 250.000 евра ќе останат како нераспределена добивка, а околу 55.000 евра ќе одат во законски резерви на друштвото.
„Тетекс“ е компанија која во континуитет дели дивиденда на своите акционери. Лани поделија износ што е речиси идентичен на тоа што ќе го добијат годинава. Најдобра дивиденда компанијата подели во 2020 година во време на корона кризата. Тогаш дивидендата по акција изнесуваше 220 денари.