Според податоците од Индексот на перцепција на корупцијата за 2022 година на Транспаренси Интернешнал (ТИ) земјава се најде на 85-то место од вкупно 180 држави за 2022 година. Споредено со 2021 година, Македонија напреднала само за две места на Индексот.
Во однос на другите земји од регионот, полош резултат од Македонија имаат Албанија и Србија (101), додека пред Македонија се наоѓаат Косово (84), Бугарија (72), Црна Гора (65), Хрватска (57), Грција (51) и Словенија (41).
Како најмалку корумпирана држава, на прво место се најде Данска, додека Финска и Нов Зеланд го делат второто место.
Свет на кој итно му треба акција!
Индексот на перцепција на корупцијата за 2022 година (ИПК) покажува дека повеќето земји не успеваат да ја запрат корупцијата, велат од ТИ.
Додаваат дека глобалниот просек останува непроменет повеќе од една деценија на само 43 од 100. Повеќе од две третини од земјите имаат постигнато под 50, додека 26 земји паднаа на своите најниски резултати досега.
И покрај заедничките напори и тешко остварените придобивки од некои, 155 земји не постигнаа значителен напредок против корупцијата или бележат пад од 2012 година.