👁️  12

Првото коло од новата сезона во Лигата на шампиони не донесе некои изненадувачки резултати, откако главните фаворити за титулата како актуелниот шампион Манчестер сити, Барселона и Пари Сен-Жермен стигнаа до очекувани домашни победи.

Сити беше шокиран од српскиот шампион Црвена звезда со голот на Осман Букари во самата завршница на првото полувреме, но во второто полувреме доминираа на „Етихад“ и се вратија за 3:1 победа со двата гола на Хулијан Алварез (47. и 60.), и со среќнит гол на Родри (73.).

Во „групата“ на смртта, Пари Сен-Жермен по неубедливиот старт на домашниот шампионат забележа рутинска 2:0 победа над Борусија Дортмунд – Килијан Мбапе од пенал во 49. минута и Ашраф Хакими во 58. минута беа доволни за триумф.

Барселона почна најубедливо против белгискиот шампион Антверпен – дадоа три гола за само 11 минути во првото полувреме. Жоао Феликс во 11. минута прво стрелаше, за потоа фантастично да му асистира на Роберт Левандовски во 19. минута, за само три минути подоцна по обидот на Рафиња, Батај да си постигне автогол.

Во второто полувреме, Барса ја доврши работата – Гави во 54. минута зголеми на 4:0, за Феликс да постигне уште еден гол во 66. минута за 5:0.