👁️  1244

Во Македонија веќе нема млеко ни за 50 денари. Ако до пред околу 1 месец можеше уште да се најде низ поевтините супермаркети, сега треба да сме среќни ако го најдеме одвај и за 70 денари. Сликата пак низ дел од супермаркетите е дежави како за зејтинот, анализира АЛФА.

Ги снемува од рафтовите, а се очекува пак да се појават по уште повисока цена. Фактот што млекото стана луксуз по автоматизам ги крена во плафон и цените на сите млечни производи. А за да биде апсурдот уште поголем, во Косово на пример, литар македонско млеко се продава по околу 66 денари или 1,09 евра.

Млекото во Македонија стаса 75 до 110 денари, во некои маркети го нема – ќе се врати на рафтовите уште поскапо, објави Алфа.

-Македонија на чекор до млечна криза. Млекото и млечните производи веќе добиваат нова, повисока цена. Поскапување има и кај сирењето, кашкавалот и јогуртот. Ако пред неколку месеци литар млеко од одредена фирма се купуваше за 35 или 40 денари, сега цената надминува 80 денари. Сирењата отидоа над 400 денари, а кашкавалите дури и над 700 денари. Дека цената на млекото во последните 6 месеци континуирано се зголемува, потврдија млекарите, па така граѓаните треба двапати да размислат пред да го купат овој основен производ. Велат дека веќе и ништо не ги чуди. Прашуваат само како ќе се помине овој тежок период, зашто покрај млечните производи, поскапено е се и тоа за 100%, анализира телевизијата.

Цената на млекото во последните 6 месеци:

Во август, во однос на јули 3,6%

Во јули, во однос на јуни 3,6%

Во јуни во однос на мај 6,7%

Во мај, во однос на април 5,4%

Во април во однос на март 3,7%

Во март во однос на февруари 7,3%

Поскапување има и кај урдата, сирењето, јогуртот и особено кашкавалот со повисока цена, што уште повеќе ги плаши граѓаните во наредните месеци.

Во дел од маркетите повлечено од продажба е млекото кое беше со помала масленост. Полиците денеска се празни, и најверојатно кога ќе се врати, ќе биде со нова, повисока цена.

И во дел од пекарите повлечени од продажба се јогуртите и киселите млека, кои до вчера беа во фрижидерите. Денеска се целосно празни, а газдите велат дека новата роба ќе стасала овие денови.

Млечна криза го тресе и регионот, но за разлика од кај нас, таму државите веќе излегоа со помош за стопанството. Поради недостаток на млеко, некои од соседните земји веќе воведоа и забрана за извоз.

Растот на цените на производите ја вивна и инфлацијата до плафон. Според државната статистика само во август годинава достигна речиси 17%.

Властите до крајот на месецов најавуваат нов пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството, но според бизнис секторот – задоцнет е.