👁️  845

На денешен ден пред 15 години музичката ѕвезда Тоше Проески трагично го изгуби животот во својата 26-та година. Регионот се сеќава на легендарниот музичар, кој остави траг со својот талент, но и со скромноста и хуманоста. Денес за годишнината од неговото загинување известија речиси сите регионални медиуми, а социјалните мрежи се преполнети со видеа од неговите песни и фотографии.

Лилјана Петровиќ, неговата менаџерка која беше покрај него во моментот на кобната сообраќајна несреќа во Хрватска, како и со години наназад, и која целосно беше вложена во напредокот на неговата музичка кариера, веќе 15 години живее подалеку од очите на јавноста. По 40 дена од смртта на Тоше таа имаше средба со новинарите, каде одговараше на сите поставени прашања во врска со несреќата, но и со тоа како функционирале со Тоше како тим, а кратко потоа се пресели во родната Србија.

Се посвети на одгледувањето на лаванда и други ароматични билки и направи огромни плантажи во близина на Бела Паланка.

-Над 200 хектари има плантажата и пред 15 години не ни можев да сонувам за вакво нешто. Се случи спонтано. Дел од земјата ја наследив од дедо ми, а голем дел ја купив заедно со соработниците. Купивме над 2.600 парцели. Лавандата ја носиме во дестилерија и од неа се прават етерични масла. Имаме и плантажи со ружи, и кај нас се е отворено, мoжат да дојдат луѓе да разгледаат, да се фотографираат. Ќе правиме и центар за посетители, да има каде да седнат кога ќе дојдат, да се информираат за се– раскажа Петровиќ минатата година во емисијата „Добро јутро“ во Србија, во едно од ретките јавни појавувања.На прашањето на новинарот дали како поранешна менаџерка на Тоше, успеала да најде мир, таа рече дека не го очекувала прашањето, но мир секако дека никогаш не пронашла.

-Не, мир не можеш да најдеш никогаш! Само мораш да се научиш да се носиш со тоа, и тоа е се – изјави Лилјана.

Во 2017 година пак, за „Фокус“ откри дека со своето менаџерско искуство ќе му помага на босанскиот пејач Амар Гиле во неговата музичка кариера. Тогаш изјави дека нема да оди со него на настапи, како што беше случај со Тоше, туку ќе биде дел од неговиот менаџерски тим. Сепак, нејзината прва соработка со музичар, која се случи десет години по смртта на Тоше, не траеше долго.

Истата година во разговор за „Фокус“ откри дека доаѓа во Крушево, но не на 16-ти октомври, на денот на загинувањето на Тоше, и дека е во контакт со неговите родители. Тогаш раскажа дека нејзината тага нема никогаш да помине, и не реагира на шпекулациите и невистините кои се пласираат во јавност за неа.