Против лице од Тетово поднесена е кривична пријава за изнуда и загрозување на сигурноста. Тој се терети дека позајмени пари барал да му се вратат во многу поголем износ, но и дека со изнуда и закани по живот сакал да му биде препишана фирмата на лицето кое од него позајмило пари.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Т.(35) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лихварство“, „изнуда“ и „загрозување на сигурноста“. Имено, во ноември 2020 година, при давање парични средства на заем, пријавениот од лице од с.Градец како гаранција одзел неколку возила во вредност од околу 70-80.000 евра.Со тек на време должничкиот износ со камати достигнал износ од околу 200.000 евра, а лицето се договорило со пријавениот долгот да се исплаќа на рати. Откако биле вратени 80.000 евра и лицето задоцнил со исплата на ратата, пријавениот во повеќе наврати со јавување и испраќање пораки упатил закани по животот на Х.В. и неговиот син, барајќи да му исплатат 750.000 евра, а се обидел да го принуди да му ја префрли неговата фабрика – објаснуваат од МВР.