👁️  243

Лидерите на ЕУ го избраа поранешниот португалски премиер Антонио Кошта за нов претседател на Европскиот совет, ја номинираа актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен за реизбор на функцијата и ја предложија естонската премиерка Каја Калас за кандидат за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, објави доцна синоќа на Икс актуелниот претседател на Европскиот совет во заминување Шарл Мишел.

Изборот на тројцата врвни функционери во Унијата беше извршен врз основа на договорот постигнат меѓу трите партиски групации од т.н. „проевропско“ мнозинство во Европарламентот, Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“.

За целосно завршување на процесот на назначување на водечките функционери во ЕУ, Фон дер Лајен треба да биде избира од Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници.

Според дипломатски извори, италијанската премиерка Џорџа Мелони, која претходно изрази несогласување со договорот за распределба на највисоките позиции во ЕУ, се воздржала од гласањето за кандидатурата на Фон дер Лајен, а се изјаснила против изборот на Кошта и Калас.

Фото: Икс