👁️  14.632

Го поминав животот на македонската музичка сцена, оставив во нашите ризници над 80 авторски песни. Сега, на мои 66 години, дочекав да живеам со социјална пензија од 6.000 денари. Се живее ли достоинствено со 6.000 денари, и дали јас ова го заслужив? – прашува фолк пејачката Вики Среброва, жената која повеќе од три децении е присутна на сцената и која во минатото беше една од најангажираните кај нас.

За ,,Фокус” таа вели дека веќе не е на возраст кога може да има редовни настапи во локали, бидејќи времето си го направило своето. На сцената доаѓаат нови имиња, млади пејачки, владеат силиконите и турбо фолк песните, а себе не се пронаоѓала во тој животен стил.

Долг период траела нејзината битка со институциите да докаже дека има 12 години работен стаж, кога била активна нејзината фирма за ракотворби и кожарата, бидејќи, како што вели, сите тие години кога плаќала придонеси се изгубиле во административните лавиринти.

-Од државата немам никаква помош. За истакнати уметници кои биле амбасадори на оваа земја со децении, кои со гордост пееле под македонското знаме, ете не следува ништо, оставена сум со помалку од сто евра месечно. Се срамам да кажам, но тоа е вистината, не би можела да преживеам без финансиската помош од моите деца. Јас сум мајка на три деца, баба на пет внучиња, зарем тие треба за мене да се грижат? Наместо во овие тешки времиња да си ги гледаат семејствата, мора да мислат и на мене. Плачам секогаш кога децата ми даваат пари! Ете, до таму сум доведена, оти сите институции се глуви за мене и за мојата состојба. Барав од Министерството за култура да ме поддржи финансиски, да издадам албум, да направам промоција, но бев одбиена. Нели го заслужив барем тоа? –револтирано прашува Среброва.