👁️  5

„Деталната анализа ќе ви укаже нешто дека нема обвинителни акти за држава која што веќе седум години е владеена од СДСМ и од ДУИ, а имаме еден куп корупциски скандали, а не се отвораат обвиненија. Граѓаните гледаат како скандалите завршуваа во Јавното обвинителство наместо во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во Македонија постојано е крив кабелот. Па така деталната анализа не ни дава многу податоци, туку детално ќе ни укаже дека освен со политички прогон, со друго и не се занимаваше оваа власт“, појасни пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков во гостување во „Топ тема“ на Телма телевизија.

Лефков укажа дека Ахмети има едно објаснување зошто се донесува Кривичниот законик, а од друга страна Артан Груби, Бојан Маричиќ и пратениците од владејачкото мнозинство објаснуваа во Комисијата за европски прашања дека е усогласување со европската регулатива.

Миле Лефков запрашан за интервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна – „Тоа е интервјуто кое што излезе денеска и е објавено денеска, самото е доволно објаснувачко и произлегува од сите актуелни случувања кои што ја брануваат јавноста. И вие сите го видовте, и само што го споменав и интервјуто на нивниот коалиционен партнер Али Ахмети за ТВ21, во кое што промената на Кривичниот законик беше проследена со политички ставови. Меѓутоа имаме и други сознанија, други сознанија излегоа за средба кај Стево Пендаровски, практично на државниот врв, каде што со Стево Пендаровски се сретнале Ковачевски, Бујар Османи, Груби и други високи претставници на власта каде што се договарале вакви измени на Кривичниот законик. Останува она симптоматично она како ќе го објаснат тоа во Собрание ни стаса и беше претставено на јавноста како усогласување со европската регулатива“.

Лефков рече дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било покохезивно и посплотено како сега. Тоа го виде и целата македонска јавност на 18-ти август кога беше закажана седницата за уставни измени.

„Никогаш ВМРО-ДПМНЕ не било посплотено, а тоа практично и го покажавме на локалните избори. Тоа и го покажуваме секој ден со резултатите кои што ги даваат и градоначалниците и онака како што сме поставени во Собрание. Секогаш работиме во корист на граѓаните“, нагласи тој.