👁️  89

„Изборите се уставна категорија, не е за нешто за кое што одлучува Бујар Османи. Бујар Османи како министер е избран од страна на пратениците и тој е избран со одредена цел, односно да остварува одредени обврски, задачи во рамките на неговото министерување. Не е негова работа да се пазари, и ова не е прв обид за пазарење и влијаење на пратениците. Ќе потсетам дека согласно Уставот пратениците, односно секој претставник на народот го претставува по свое сопствено убедување така да недолично е да се пазариме, особено не со нешто што претставува уставна категорија, а тоа се изборите“, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во утринската емисија на 24 телевизија.

Лефков додаде дека преку изборите се изразува волјата на народот.

„Катастрофално е тоа што СДС се фали со тоа што обезбедиле односно што го истраеле тој мандат до крај. Тоа го споменуваат како едно од предизборните ветувања. Замислете на крајот од вашиот мандат да имате порази на секое поле, да имате најмал раст на БДП, да имате најмал економски раст во регионот, да имате порази на секое поле, на полето на правдата, на полето на образованието, на здравството, и вие да се фалите со тоа дека сте успеале да издвојувате еден повеќе за да останете на власт“, рече Лефков.

Тој посочи дека прашањето до СДС е што добиваат граѓаните од мандатот кој што го истерале до крај.

„Јасно е дека за одредени политичари се тендери, влијание, законот за игри на среќа, и други придобивки. Но, меѓутоа прашањето е што добиваат граѓаните од оваа Влада“, запраша пратеникот.

„Кога ние баравме предвремени парламентарни избори секогаш ќе кажеа дека Македонија нема пари за расфрлање и потребно е да се штеди затоа што нели изборите претставуваат одреден трошок. Тие чинат некаде околу десетина милиони евра. И сега кога доаѓа до процес кога имаме два изборни циклуси кои што се разделечени практично со недели се одвоени едни од други, кога зборуваме за спојување, за власта одеднаш парите станаа неважни. Моето прашање е барем дали еден од СДС направил функционална анализа што значи таквото спроведување на раздвоени избори“, појасни Лефков.