Во Украина минатата година имало над 900 жртви од касетна муниција, се наведува во денеска објавениот извештај на Центарот за мониторинг на употреба на касетна муниција.
Според извештајот, со ова, бројот на загинати и повредени од оваа муниција во светот достигна рекордно ниво од 2010 година. Во 2022 година, најголемиот број од вкупно 1.172 смртни случаи од касетна муниција ширум светот биле во Украина.
Само во Украина, во нападите со овој вид оружје во 2022 година загинале или биле повредени најмалку 890 луѓе, од кои повеќето цивили. Според извештајот, Русија во голема мера користела касетни бомби во Украина од почетокот на нејзината инвазија во февруари 2022 година, додека Украина ги користела во помала мера.
На глобално ниво, 1.172 нови смртни случаи од касетна муниција беа пријавени во 2022 година во осум земји, вклучувајќи ги Азербејџан, Ирак, Лаос, Либан, Мјанмар, Сирија, Украина и Јемен. Од загинатите и повредените, 987 биле жртви на напади со касетни бомби, а најмалку 185 луѓе биле жртви на остатоци од касетна муниција. Дури 95 отсто од жртвите биле цивили. (МИА)