👁️  110

Куманово доби Градскиот фудбалски клуб, кој ќе се натпреварува во Третата фудбалски лига. Новиот клуб е формиран со фузирање на три приватни клубови и тоа: ФК „Куманово 2012“, ФК „Еуроспорт“ и ФК „Студена Вода“.

Претседател на клубот е Владимир Павловски, кој вели дека е преземен тимот ФК „Студена Вода“, бидејќи е највисоко рангиран и е на четвртото место во Третата фудбалска лига.

„Клубот е пререгистриран, запишан во Фудбалската Федерација на Македонија. Тоа е завршено пред крајот на минатата година така да клубот е влезен и во Сојузот на спортови на Куманово и од буџетот на општината за ова година добивме 1,1 милион.

Скромни почетоци, но се надеваме на напредок“, изјави претседателот Павловски.
Тој додава дека Општина Куманово ќе се погрижи за инфраструктурните потреби на клубот како покровител на Сојузот на спортови и на самиот клуб, во план е да се пронајдат и спонзори од општествено – одговорни приватни фирми од градот, а аплицирано е и за ваучери во Агенцијата за млади и спорт на Македонија.

Дресовите со новото лого се веќе во изработка, а графичкиот дизајн е направен по пријателска линија, бесплатно од лице кој ја подржува иницијативата и клубот.

Моментално клубот брои околу 200 члена вкупно во сите категории. Идејата е да се направи поголема база од каде би се регрутирале талентирани и успешни играчи. Градскиот Стадион е руиниран, нема услови за тренирање и одржување на натпревари и затоа ќе се користи стадионот на ФК „Студена Вода“ во селото Доброшане. Младинските категории ќе тренираат на теренот на ФК Еуроспорт кај Спортската сала.

Тимот ќе се докомплетира во текот на летниот период пред почетокот на следната сезона 2023/2024 година и амбиција е следната сезона да се напредува и да се обезбеди влез во втората национална лига.

Повикот за интегрирање е отворен за сите заинтересирани, приватни клубови, можно е и проширување со женски фудбалски клуб.

„Упатуваме повик кон сите фудбалски работници кои оставиле белег на фудбалот во Куманово да се приклучат кон развој на ГФК „Куманово“ и ова иницијатива да прерасне во успешна приказна и конечно градот да добие стабилен прволигаш, кој ќе биде гордост на Куманово, како што доликува на град со фудбалска историја“, потенцира Павловски, кој се надева дека ГФК „Куманово“ ќе се пласира во Втората лига во сезоната 2024/2025 година.

Новиот клуб се формира по пауза од 23 години од кога Куманово нема активен фудбалски клуб.