👁️  12

Има начин да се спречи иселувањето на младите и нивната потрага по вработувања надвор, смета премиерот Димитар Ковачевски. Тој денеска од Прилеп, одговорајќи на новинарски прашања, уште еднаш порача дека зачленувањето во ЕУ е приоритет, но мора да се размислува и за работна сила која ќе доаѓа и ќе се увезува од други држави.

Според Ковачевски, ни смета странци да работат во државава, но не и кога во други држави работат граѓани кои не се родени таму.

-Сите земји од Западен Балкан го делат истиот проблем – младите сакаат да живеат и работат во ЕУ, мал дел во САД и мал дел во Австралија. Најдобриот начин, без да се залажуваме, е државата да стане членка на ЕУ. Тоа го делат сите лидери на земјите од Западен Балкан како факт. Во минатото, кога бевме дел од поширок сојуз на федеративни републики, нашиот стандард беше далеку поголем и од Бугарија и од Романија и од Полска и од Чешка и од Словачка и од Унгарија, и не можело да се замисли некој наш жител да работи таму. Оделе во Германија, да, но не и во источните зермји. Денес и таму одат. Кога се случувало наши граѓани да работат во Хрватска? Никогаш, а сега се случува зашто оваа земја е членка на ЕУ и нејзините придобивки се 33 отсто поголем број фирми, 28 проценти поголемо ниво на странски инвестиции во првите пет години, 80 – 90 отсто поголем БДП, двојно и тројно зголемени плати, како и повеќе работни места. Решението е земјава да стане членка на ЕУ, подвлече Ковачевски.

Тој потсети дека со владините политики за отворање нови работни места и поддршка на инвестициите, има зголемување на вработените за 7 000 само годинава, а невработеноста од 26 отсто е намалена на 13,1 процент.

-Вработеноста е зголемена за скоро 10 отсто. Идната година очекуваме уште два процента намалување на невработеноста и многу скоро ќе дојдеме до едноцифрена бројка на невработени. Тоа значи дека покрај зачленување во ЕУ, мора да размислуваме како опшество и за работна сила која ќе доаѓа од други држави. Ние долг период велиме дека тука никој не треба да дојде да работи, а од друга страна не ни смета кога во други држави работат граѓани кои не се родени во тие држави. Затоа треба да се води дебата за ова прашање со коморите, Министерството за труд, економските ресори во Владата. Сме разговарале со коморите кои сметаат дека треба да се зголемат квотите за увоз работна сила однадвор за да се зголеми производството во одредени гранки кои имаат недостиг на работна сила во државата, истакна Ковачевски по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.

Фото: МИА принт скрин