👁️  33

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, присуствуваа на прием организиран во чест на 50-годишното членство на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.

На приемот е реафирмирано значењето на Германија како одговорен партнер на Организацијата на Обединетите нации и принципиелен бранител на меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право. Изминатите децении, обединета Германија презеде зголемена одговорност во Обединетите нации и денес е втор најголем придонесувач во системот на ОН во целина и втор по големина билатерален донатор на хуманитарна помош..

Премиерот Ковачевски му го честиташе на канцеларот Олаф Шолц јубилејното 50-годишно членство на Германија во ОН и големиот придонес на државата во целокупниот систем на ОН. Во кусиот разговор со канцеларот Шолц, премиерот Ковачевски се заблагодари за соработката меѓу двете земји во рамките на ОН, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, правејќи ја Германија една од најблиските европски партнери на нашата земја.

Премиерот Ковачевски на приемот имаше неформални разговори со повеќе светски лидери, во коишто е нагласен и примерот на ефективна дипломатија што го дава Република Северна Македонија, којашто годинава одбележа 30-годишно членство во ОН и којашто од земја корисничка на мировни мисии, денес е држава домаќин на меѓународни преговори за решавање прашања од интерес за стабилноста на Западен Балкан, ЕУ и во светот.