👁️  12

Сите решенија за платите се направени преку дијалог со синдикатите, вклучително Сојузот на синдикати на Македонија како репрезентативен синдикат, меѓутоа на сите средби имаат учествувано и другите поголеми синдикати, вклучително и УПОЗ. Низ таков дијалог успеавме да обезбедиме минимална плата, двојно поголема од тоа што беше претходно и драго ми е што тоа го направивме како Влада. Никогаш досега ниту една влада не направила таков исчекор, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, идната година минималната плата ќе биде 22 500 денари, на историски највисоко ниво.

Ковачевски нагласи дека ќе се изнајде решение во текот на оваа и идната година, а усогласување со минималната плата ќе има, бидејќи тоа е законска обврска и ќе се случува догодина.

-Зголемувањето на платите е регулирано преку системско решение и Општиот колективен договор. Оваа година имавме десетпроцентно зголемување на платите во јавниот сектор и дополнително исплата на К-15 што идната година ќе биде минимум 30 проценти од просечната плата, истакна премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.

Во однос на дополнителните барања што ги имаат синдикатите, рече дека дијалогот ќе продолжи.

-Ќе се разговара, меѓутоа треба да имаме предвид дека се работи за буџетски средства и дека во тие разговори учествува и министерот за финансии, дека тие разговори и процеси се следат и од страна на странските кредитори кои државата ги има, но, и секако, во рамки на она што значи буџетирање во државата. Буџетот се наоѓа во собраниска процедура. Меѓутоа, сметам дека на крајот, повторно ќе се изнајде решение во текот на оваа и во текот на идната година, усогласување на платите со минималната плата нормално дека ќе има, бидејќи тоа е законска обврска и тоа ќе се случува во текот на идната година, подвлече Ковачевски кој во посетата на Центарот беше придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.