👁️  75

Соединетите Американски Држави, наместо Европската унија, треба да го водат дијалогот за средување на односите меѓу Косово и Србија, порача Претседателката на Косово, Вјоса Османи

Во вчерашното интервју за косовскиот јавен сервис, РТК, Османи рече дека договорот што во март годинава во Охрид го потпишаа косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не е „совршен“ за Косово.

Во охридскиот договор, рече таа, „има некои добри работи, но има и работи за кои се сомневам како ќе се спроведат во пракса“.

Според косовската претседателка, решението е „да се седне на маса со САД и да се подготви драфтот на Република Косово“ за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население.

– Мораме да му го претставиме на американскиот секретар (Ентони Блинкен) нашиот драфт, кој е во согласност со Уставот на Косово и писмото на Федерика Могерини, кое гарантира дека Заедницата нема да има извршни овластувања и ќе биде во согласност со декларираниот американски став кој појаснува дека тоа ќе биде само координативно тело, без извршни овластувања, рече таа.

Османи, го коментира однесувањето на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, по нападот во Бањско кај Звечане, во северно Косово, каде што еден косовски полицаец загина, а тројца беа повредени.

Таа рече дека Српската листа наместо да се огради од постапките кои се против интересите на сите граѓани, тие, со прогласувањето тридневна жалост за загинатите напаѓачи, Срби, покажаа дека се дел од тие напади. Поради тоа, најави Османи, ќе бидат преземени правни дејствија.