Косотов: 23 Светско првенство во фудбал: Великани на светскиот фудбал (11.ДЕЛ)

Андраде, Сантамарија, Насези, Скароне и Скијафино првите фудбалски бисери на Уругвај

Денес еден мал микс од извонредни фудбалски великани од минатото. Почнуваме со феноменалните Уроси(Уругвајци). Уругвај, таа мала држава, имаше големи фудбалски асови. Веднаш да потсетам дека тие се двојни олимписки победници (1924 и 1928), а и двапати беа светски прваци, во 1930г. на првото светско првенство, кога ја победија Аргентина, и во 1950г. во Бразил кога ја замолкнаа велелепната Маракана и го победија домаќинот Бразил. Да не заборавиме дека до Втората светска војна осум пати беа победници на јужноамериканските првенства, од 1916г. до 1942г, а вкупно јужноамерикански победници биле 15 пати, па така само Аргентина е пред нив . Тие во 1924 г. на олимпијада настапија цезаровски: дојодвме, видовме и победивме. Го освоија олимпиското злато, со голови, игра на највисоко ниво, со стил и артизам. Во тимот го имаа чудото на фудбалската виртуозност. Уметник на фудбалската игра. Да, токму тоа беше Хозе Леандро Андраде. Тоа што денес се Бразилците и Аргентинците, во триесетите и четириесетите години од минатиот век беа Уругвајците. Виртуози. Жонглери.

На двете споменати олимпијати и двете светски првенства Урусите беа единаесет играчи, една мисла, еден дух. Тим во вистинска смисла на зборот. А Андраде, ја довел(така велат и така читам) фудбалската игра до виртуозност. Со фудбалската топка на теренот правел се што сакал. Фин приод, добар штоп, играч од класа, со брзина, уметничка техника и голема тактичка зрелост. Вистинско фудбалско чудо. Победничката олимписка низа импресивна: со Југославија 7:0, со Франција 5:1, со САД 3:0, со Холандија 2.1 и со Швајцарија 3:0. Цела Европа победена, плус САД. Повеќе од импресивно.

Друг голем фудбалер-уругваец е легендарниот Хозе Марија Сантамарија. Фудбалот го играше како и што звучу неговото “божествено“ име. Висок, плав, со плави очи, високо чело, играше мирно, цврсто, сигурно, позиционо. Господар на казнениот простор: Во Национал, во Реал Мадрид и во репрезентацијата на Уругвај. Инаку познат по својата коректна игра на дефанзивец, што денес не е така чест случај. Во своето време најдобриот одбрамбен играч на светот. Редовно биран во тимот на светот. Во Реал играше заедно со Пушкаш и Ди Стефано(него и Ди Стефано ги викаа “двете плави глави“), периодот кога пет пати по ред беа европски шампиони. Почина годинава на 96 годишна возраст.

Хозе Насази Јарза, е трат голем фудбалер од тој голем тим на Уругвај, олимписки и светски првак. Четиринаесет години бил капитен на репрезентацијата(El Gran Capitan). Тој никогаш не признавал пораз. Роден победник. Одбрамбен и среден играч. Сестран играч, олраунд фудбалер, наречен и Голем Маршал(El Gran Mariscal). Бил цврст, сигурен и класа играч. Поради цврстината на карактерот, водечката улога како капитен и бескомпромисната игра, го нарекувале и El Terrible – Страшниот. Ама според фудбалското умеење, играта на тренот и однесувањето бил Unico – Единствен. Го нарекуваат уругвајска фудбалска легенда – единствена и неповторлива.


Четврт играч од таа славна уругвајска генерација, претходник на Насази, Сантамарија и Андраде, е Скароне – Карлос Скароне. Велат дека тој е првиот “бог“ на уругвајскиот фудбал. Фудбалер со разорен, прецизен удар. Ама пред се дриблер. Топката “се лепела“ за неговите нозе. Добар везен и одличен центарфор.

Неговата игра ја краселе инвенција и креација. Поседувал префинета фудбалска техника. Топката ја удирал невеојатно прецизно и факт е дека никогаш не промашил единаестерец, а во кариерата често пати тој ги изведувал и реализирал. Успешно играл за големи екипи како Ривер Плата, Национал, Бока Јуниорс, со кои освоил голем број шампионски титули.

Не може а да не се спомене и Уругвај од 1950г., репрезентација која го победи Бразил на Маракана со 2.1 и стана светски првак. Тоа беше нова генерација играчи, како Масполи, Гонзалес, Гамбета, Варела, Андраде(внук на Хозе Леонардо Андраде), Перез, Скијафино, Морен. Тоа беше прворазредна сензација која одекна како бомба во светската јавност. Би го истакнал Скијафино, кој на тој натпревар даде и гол. Беше извонреден играч на Пењарол, Милан и Рома, а репрезентативец, првин на Уругвај, а потоа и на Италија. За Уругвај играше и на светското првенство во 1954г. кога Уругвај го освои четвртото место. Добро, многу покасно, во првата декада на 21-от век се појавува најновата генерацина “Небескоплави“, предводена од Дијего Форлан, Луиз Суарез и Единсон Кавани и во 2010г. на Светското првенство одржано во Јужна Африка, Уругвај го освојува четвртото место, но тоа веќе е позната приказна.

(продолжува)

Сотир Костов