По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и одржани судски рочишта на кои беа изведени предложените докази, во Основниот кривичен суд Скопје беше објавена осудителна пресуда за К.С. командир на Полициска станица. Тој е обвинет за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”. На обвинетиот за кој Обвинителството докажа дека го сторил кривичното дело што му става на товар, судот му изрече казна затвор во траење од четири години и шест месеци, информираат од Обвинителството.
Aкцијата беше реализирана во месец април минатата година во соработка со Американската агенција за борба против наркотоци – ДЕА, по што надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица осомничени дека сториле кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.
Во текот на истражната постапка петмина обвинети склучија спогодба со јавниот обвинител и притоа правосилно се осудени на ефективни казни затвор во траење од по 5 години за Д.Ј. и А.У. и од по 3 години и 6 месеци за М.З., М.С и Г.К.
Обвинетиот А.У., со ТМВ марка Ивеко со македонски национални регистарски ознаки, неовластено ја пренел дрогата од неутврдената локација до паркинг просторот на ресторан во с.Радобил, прилепско и со ПМВ марка Дачиа Дастер заминал да се сретне со потенцијалниот купувач, а обвинетите М.З. и М.С. останале да внимаваат на возилото со наркотичната дрога. Откако А.У. се сретнал со купувачот, му кажал со ТМВ комбе марка Цитроен Џампер со грчки национални регистарски ознаки, да се движи по него и заедно се упатиле кон Прилеп, додека обвинетите Г.К. како возач и К.С како совозач со ПМВ марка Ауди А 8 ги следеле.
На паркинг просторот во село Радобил додека обвинетите А.У., М.С. и М.З ја префрлувале наркотичната дрога спакувана во 40 картонски кутии од ТМВ марка Ивеко во ТМВ комбе марка Цитроен Џампер, обвинетите Г.К. и К.С. биле паркирани на ислучокот кон с.Радобил за да го набљудуваат движењето по магистралниот пат Прилеп – Градско и да го обезбедат претоварањето на дрогата.
Откако дрогата била сместена, обвинетиот М.С. управувајќи го ТМВ марка Ивеко се упатил кон Прилеп, додека останатите обвинети со три ПМВ и ТМВ во кое била дрогата, се упатиле на магистралниот пат Прилеп-Градско во правец кон Градско, движејќи се во колона еден зад друг. Кога пристигнале на клучката за с.Раец од страна на полициски службеници на МВР биле запрени и по извршениот претрес, лишени од слобода. Во исто време во Прилеп е лишен од слобода обвинетиот што го управувал ТМВ марка Ивеко, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил уапсен и обвинетиот – организатор на криминалната група, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.